Денеска играат Баерн – Реал М., а утре Борусија Д. – ПСЖ. Реал 14 пати беше европски првак, Баерн шест, Борусија еднаш, а Пари сен Жермен може да стане 24-от клуб што ја освоил титулата и деветти со тројна круна. Од тренерите, Анчелоти оди на нов рекорд, петти трофеј како кормилар, Терзиќ да стане 44-от тренер со европска титула, а Тухел и Енрике да бидат седмиот тренер што триумфирал со два клуба

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал Мадрид рекорден 33. пат, Баерн 21. (втор на оваа листа), Борусија Дортмунд петти, а Пари сен Жермен четврти пат ќе настапат во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите. Денеска играат Баерн – Реал, а утре Борусија – ПСЖ, двата меча од 21 часот. Реваншите се идната недела. Финалето е во јуни, во Лондон, на стадионот „Вембли“. Баерн и Реал ќе играат меѓу себе во осмо полуфинале, пет повеќе од која било друга двојка во историјата на натпреварувањето, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Секогаш е подобро да се игра пред свои гледачи. Со секоја добра акција добивате поддршка и тоа ве крева и ви дава дополнителен ветер. Сега е полуфинале и сите треба да се покажеме – рече Томас Тухел, тренер на Баерн, пренесе УЕФА.
Двата клуба имаат трајна репутација за играње забавен фудбал, но сезонава секој ја покажа и својата издржлива страна, пишува УЕФА. Баерн мораше да направи пресврт во осминафиналето дома со Лацио, потоа го победи Арсенал во Минхен откако ремизира во првиот натпревар, а Реал М. мораше да се одбрани од бурниот одговор од Лајпциг за да стигне до четврт-финалето, по што ги издржа брановите притисок на Манчестер сити во реваншот, пред да победи во пенал-серијата со актуелниот првак, пишува УЕФА.
– Покажавме став и посветеност што ги бара овој дрес (во четврт-финалето со Манчестер сити). Ова е многу посебно натпреварување за нас и секогаш испорачуваме нешто што луѓето не очекуваат да го произведеме Сите нѐ отпишуваа, но уште сме тука – вели Карло Анчелоти, тренер на Реал Мадрид, пренесе УЕФА.
Борусија Дортмунд и Пари сен Жермен сезонава веќе играа меѓу себе, во групната фаза (победа и реми за тимот од Париз).
– Сега играме со Пари сен Жермен. Нашиот прв натпревар со нив не беше добар, во вториот подобро се приспособивме и бевме поблиску до победата. Мислам дека денес сме подобар тим отколку во групната фаза – рече Един Терзиќ, тренер на Борусија Дортмунд, пренесе УЕФА.

Ова е петто полуфинале на Борусија, прво од 2013 година. Пари сен Жермен се пласира во своето четврто полуфинале.
– Најдоброто чувство кога сте играч или тренер е да гледате дека вашата работа ги прави луѓето среќни. Нема ништо подобро од тоа. Не можете да го купите тоа чувство. Чувството да дадете нешто посебно за клубот е одлично. Сега треба да се справиме со полуфиналето и да се обидеме да се пласираме во финалето – вели Луис Енрике, тренер на Пари сен Жермен, пренесе УЕФА.
Реал М. 14 пати беше европски првак, Баерн шест, а Борусија Дортмунд еднаш. Пари сен Жермен може да стане 24-от клуб што ја освоил европската титула, но и деветти клуб со тројна круна, откако ја обезбеди титулата во првенството на Франција и ќе игра во финалето на Купот на таа земја. Од тренерите, Анчелоти оди на нов рекорд, петти трофеј како кормилар (сега води со четири, по два освои со Милан и со Реал Мадрид), Терзиќ да стане 44-от тренер со европска титула, а Тухел и Енрике да бидат седмиот тренер што триумфирал со два клуба (Тухел претходно со Челси, а Енрике со Барселона). Н.М.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ЖЕНИ
Во финалето ќе играат најтрофејниот клуб и актуелниот првак

Лион ќе игра со Барселона во финалето на Лигата на шампионите за фудбалерки, во Билбао. Двата клуба се сретнаа меѓу себе во мечевите за континенталната титулата и во 2019 и во 2022 година. Најтрофејниот клуб, осумкратниот првак Лион (титулите ги освои во 2011, 2012, 2016, 2017, 2018, 2019, 2020 и 2022 година) во реваншот од полуфиналето во неделата го победи Пари сен Жермен со 2-1 на гости, а во првиот меч дома славеше со 3-2.
Четврти пат во низа и петти пат за шест сезони актуелниот европски првак Барселона ќе игра во финалето, откако во реваншот на полуфиналето, во саботата, го победи Челси (Англија) на гости со 2-0, а вкупно со 2-1. Барселона, која играше во финалињата на ЛШ во 2019, 2021, 2022 и 2023 година, победувајќи во 2021 година и лани, е во игра за тројна круна сезонава, откако води во домашното првенство и ќе настапи во финалето на домашниот куп.