ФУДБАЛ
Од вторник, преку интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), ќе почне продажбата на преостанатите 200.000 билети за Светското првенство (СП) во Катар, според принципот прв пријавен, прв услужен. Во првите две продажни рунди беа продадени 1,8 од двата милиона билети, а околу еден милион ФИФА ќе им распредели на спонзорите, на партнерите и на гостите. Гледачите ќе можат да купат до шест билети по меч или максимум 60 за целиот турнир. Постои можност гледачите да присуствувате на повеќе од еден меч во групната фаза во ист ден поради близината на осумте стадиони.
Во првиот круг од продажбата, помеѓу јануари и февруари годинава, беа продадени 800.000 билети, а уште еден милион во април. ФИФА објави дека најмногу барања за билети имало од Аргентина, Бразил, Англија, Франција, Мексико, Катар, Саудиска Арабија и од САД. Најпопуларни мечеви за кои се барале најмногу билети се финалето на 18 декември во Доха, како и некои од дуели во групната фаза, Аргентина – Мексико, Аргентина – Саудиска Арабија, Англија – САД и Полска – Аргентина, се вели во соопштението на ФИФА. Неодамна претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изјави дека имало пет милиони барања за билети само за финалето на стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 80.000 седишта. Л.Д.