Манчестер сити, кој ја брани титулата, беше шампион во четири од претходните пет сезони. Се врати правото за пет замени, ќе играат сите пет тима што биле европски прваци, Лондон ќе има седум премиерлигаши, има измени на неколку правила, во Премиер-лигата пристигнаа Холанд, Кутињо, Нуњез, Перишиќ…, клубови сменија Жезус, Стерлинг, Ериксен, Ричарлисон…

АНГЛИЈА

Со мечот вечерва од 21 часот, помеѓу Кристал палас и Арсенал, почнува 31-та сезона на фудбалската англиска Премиер-лига, а вкупно 124-та сезона на најстарото клупско натпреварување во светот. Манчестер сити, кој беше шампион во четири од претходните пет сезони, оди на три титули во низа, нешто што во ерата на Премиер-лигата (од 1992 година) му успеа само на Манчестер јунајтед, пишува „Би-би-си“. Вкупно по три титули во низа имале и Ливерпул, Арсенал и Хадерсфилд.
Премиер-лигата објави измени на неколку правила, како тоа за позицијата на голманот за време на изведување пенал (една нога на или зад гол-линијата), за офсајд во случај кога одбранбен играч ненамерно или неконтролирано игра со топката, потоа за употребата на вкупно 10 топки за време на еден меч (по една во игра и кај четвртиот судија и осум околу теренот поставени на соодветни конуси и контролирани од лица задолжени за тие топки)…
Во тек е преодниот рок, сите тимови направија измени на составите, а според податоците на Премиер-лигата, клубови сменија, меѓу другите, Ерлинг Холанд (од Борусија Дортмунд во Манчестер сити), Филипе Кутињо (Барселона – Астон вила), Габриел Жезус (Манчестер сити – Арсенал), Рахим Стерлинг (Манчестер сити – Челси), Дарвин Нуњез (Бенфика – Ливерпул), Кристијан Ериксен (Брентфорд – Манчестер јунајтед), Иван Перишиќ (Интер – Тотенхем), Ричарлисон (Евертон – Тотенхем)…
Лондон ќе има најмногу премиерлигаши, седум (Челси, Тотенхем, Арсенал, Брентфорд, Вест хем, Кристал палас и Фулам). Сезонава се враќа правото за по пет замени по тим за време на еден меч. Со влегувањето во елитата на Нотингем форест, во Премиер-лигата ќе играат сите пет тима од Англија што биле европски прваци (уште и Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челси и Астон вила).
Утре се играат уште шест меча, и тоа Фулам – Ливерпул, Евертон – Челси, Тотенхем – Саутемптон, Њукасл – Нотингем форест, Лидс – Вулверхемптон и Бурнмаут – Астон вила, а првото коло треба да го заокружат дуелите в недела Лестер – Брентфорд, Манчестер јунајтед – Брајтон и Вест хем – Манчестер сити.
Вкупно 24 клуба досега биле прваци на Англија, Манчестер јунајтед има 20 титули, Ливерпул 19, Арсенал 13, Евертон девет, Манчестер сити осум, Астон вила седум, Сандерленд и Челси по шест итн.