ФУДБАЛ

Европското првенство (ЕП) за фудбалери до 21 година, кое се игра во Грузија и во Романија, стана најпосетуваниот континентален младински шампионат досега, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).

Нов рекорд беше поставен откако беше забележана публика од 44.338 за четвртфиналниот натпревар помеѓу Грузија и Израел на стадионот во Тбилиси, што е најголема посетеност за еден натпревар во историјата на европските првенства за фудбалери до 21 година.

Вкупно 250.746 гледачи ги гледале натпреварите на овој турнир, соборувајќи го претходниот рекорд од 243.995 поставен на европското првенство во Полска во 2017 година, кога на ЕП дебитира младинската репрезентација на Македонија.

Таа бројка од стадионот во Тбилиси значи дека трите највисоки посетености во историјата на ЕП се забележани на ова издание на европското првенство. Нов рекорд беше поставен на вториот натпревар, кога имаше 41.887 гледачи не мечот Грузија – Белгија, а нов рекорд потоа беше поставен кога 43.043 го гледаа дуелот Грузија – Холандија, пишува УЕФА

Пред овој турнир, највисока посетеност на еден натпревар на младинско ЕП беше забележана на финалето на ЕП 1996 помеѓу Шпанија – Италија во Барселона, кога имаше публика од 35.500, на мечот на кој победи Италија на пенали.
Во полуфиналето на годинашното ЕП се пласираа Израел и Шпанија, а вчера за место меѓу четирите најдобри младински репрезентации играа Англија – Португалија и Франција – Украина.