Следува третиот дуел меѓу Македонија и Гибралтар (утре, од 18 ч.), а досегашните два завршија со победи на црвено-жолтите, во првата сезона на Лигата на нациите

ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Македонската фудбалска репрезентација по ремито на гостувањето кај селекцијата на Бугарија, 1-1, утре (од 18 часот) има уште едно гостување, на мечот со Гибралтар, во второто коло на лигата Ц, група 4, во третата сезона на Лигата на нациите (ЛН). Тоа ќе биде трет дуел помеѓу Македонија и Гибралтар, а досегашните два завршија со победи на црвено-жолтите без примен гол (2-0 на гости и 4-0 дома), во првата сезона на ЛН.
Македонија на натпреварот со Бугарија во Разград создаде неколку шанси за гол, од кои Милан Ристовски го постигна погодокот за Македонија во 50. минута. Бугарија поведе со голот на Кирил Десподов во 13. минута. Во вториот меч од првото коло на групата 4, Грузија дома го победи Гибралтар со 4-0.
На натпреварот со Бугарија во четвртокот, Стефан Спировски го одигра јубилејниот 50-ти натпревар за Македонија и тој е 15-от фудбалер со 50 и повеќе настапи за македонската репрезентација. На тој меч дебитира Дориан Бабунски и тој е 274-от репрезентативец што го носел црвено-жолтиот дрес на Македонија.
Лигата на нациите е дел од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Победниците на 12-те групи во лигите А, Б и Ц стекнуваат право да играат во плејофот за пласман на ЕП 2024, за три места од Лигата на нациите на континенталното првенство (20 ќе се пласираат на ЕП низ редовните квалификации). Македонија во првиот циклус на Лигата на нациите беше победник на лигата Д и се пласира на Европското првенство што се играше лани. Победниците на групите во лигата А, пак, секако ќе играат и на фајналфор-турнирот за третата титула на Лигата на нациите (претходни победници се Португалија и Франција).
За Македонија, по мечот со Гибралтар, во јуни следуваат и две средби дома, и тоа со Грузија (на 9 јуни) и со Гибралтар (на 12 јуни), а во септември и натпреварите на гости со Грузија (на 23 септември) и дома со Бугарија (на 26 септември). Победникот на групата во следното издание на Лигата на нациите ќе игра во лигата Б.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Бугарија – Македонија 1-1
Грузија – Гибралтар 4-0
Гибралтар – Македонија утре, 18 ч.
Бугарија – Грузија утре, 20.45 ч.