ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (235)
Никола Гелебешев (2)
Никола Гелебешев беше во онаа генерација на Работнички што во натпреварувачката сезона 1974/75 беше страв и трепет на второлигашката југословенска сцена. Проработи егејската врска и од Кожуф се пресели во МИК во Автокоманда во Скопје
Во 70-тите години од минатиот век, Македонија имаше неколку претставници во Втората југословенска лига, источна група. Од сите нив, Тетекс прв успеа да се пласира во Првата југословенска лига во 1981 година. Претходно тетовци уште еднаш завршија како први во Втората лига, но со одлука на ФСЈ не им беше дозволено да заиграат во елитното друштво, наводно поради настап на фудбалер со повеќе од дозволената бројка жолти картони. Многу подоцна, пред распадот на поранешната држава, Пелистер една сезона го вкуси прволигашкиот шмек, а во сезоната 1953/54 и Работнички беше во Првата лига, но на крајот беше пoследен, 14-ти, и испадна, Вардар тогаш заврши на деветтата позиција. Но ако се гледаат табелите од тие сезони ќе се види дека и прилепска Победа била блиску до Првата лига, но никако не успевала да го направи последниот чекор. Солидни второлигаши во определени периоди беа и Брегалница, Беласица, Пелистер, Куманово, Тиквеш, Работнички и МИК. Вардар, пак, кој често се „шеташе“ од Првата во Втората лига од 1976 до 1979 година три сезони „заглави“ меѓу второлигашите, за конечно предводен од фудбалската легенда Стјепан Бобек да се врати во елитата.
СПЕКТАКЛ НА ГРАДСКИ ПРЕД 20.000 ГЛЕДАЧИ
Направив една дигресија со желба да потенцирам и укажам на фактот дека сме имале квалитетни екипи, кои успешно се носеле во второлигашката конкуренција. Сите тие имале свои ѕвезди, кои подолг или пократок период придонеле за афирмацијата не само на своите клубови туку воопшто и за македонскиот фудбал. Една од тие ѕвезди, која, за жал, неодамна ја напушти животната сцена, беше и голманот Никола Гелебешев. Тој почна да го гради својот фудбалски пат во Гевгелија во екипата на Кожуф. Потоа продолжи во МИК, а подоцна стана еден од столбовите на Работнички. Кариерата ја заврши во Вардарски од Богданци.
Во емисијата што ја снимив со Никола Гелебешев, пред неколку години, а која се однесуваше на неговата кариера, од тие убави денови во Работнички, посебно го оддели натпреварот со прилепска Победа. Гелебешев зборуваше со големи емоции за овој меч, во кој прилепчани беа победени со 6-2.
За спектаклот да биде уште поголем, на трибините на Градскиот стадион во Скопје, иако се играше во претпладневен термин во недела, имаше околу 20.000 гледачи. Неверојатна бројка од која се зачуди целата фудбалска јавност во поранешна Југославија. Говорејќи за овој меч не заборави да спомене и некои од соиграчите, меѓу кои посебно ги истакна Тодоровски, Стојановски, Анчевски, Цубалевски, Торбаков, Ѓошев, Б. Николиќ.
ПРОРАБОТИ ЕГЕЈСКАТА ВРСКА
Автокоманда беше населбата во која најчесто беа сместувани семејствата од Егејска Македонија, кои во 40-тите години од минатиот век беа принудени да ги напуштат своите огништа. Тие беа раселени во многу европски држави, па откако воениот виор помина, многу од семејствата сакаа да се вратат во родната земја. Многумина од младите момчиња, кои се враќаа дома, во земјите каде што живееле дотогаш се занимавале со многу спортови, па кога се доселија во Скопје, оние што во поранешните држави се занимавале со фудбал се зачленуваа во ФК МИК. Така, на времето често знаевме да кажеме дека тоа е клуб на Егејците, што беше и вистина. Но тоа не значи дека во МИК не беа вклучени и фудбалери од Скопје и од другите градови. Поделби меѓу нив немаше, сите живееја како еден. Другарството беше на највисоко ниво и благодарејќи токму на тоа клубот постигнуваше добри резултати, а се пласира и во Втората југословенска лига.
– За мојата определба да станам член на МИК, откако ја надминав матичната средина, најмногу придонесе токму егејската врска. Јас бев роден во Гевгелија, но мојата мајка беше од Манџуково, македонско село на грчката страна од границата, а татко ми беше од Гуменџи. Значи, корените ми беа од Егејска Македонија, па некако тоа беше пресудно да дојдам во МИК – рече тој.
Гелебешев со гордост зборуваше за овој свој потег и беше одушевен од средината во која претходно на голот беа Лазов и Павлов. Подоцна МИК го смени името во Скопје, име под кое и денеска настапува во Првата македонска лига.
– Тренер во МИК ни беше прославениот вардаров играч Урош Петровски, кој имаше голем авторитет кај нас фудбалерите, а и кај целата спортска јавност. Меѓутоа, финансиските проблеми често го мачеа клубот, па така, егзистенцијата не беше најстабилна. Во 1972 година дојдов во Вардар, но не добив исписница, па така една цела година ми помина само во тренинг и настапи на пријателските натпревари – зборуваше Гелебешев.
ПРЕМИН ВО РАБОТНИЧКИ
Откако не успеа, поради административните работи да се зачлени во Вардар, Гелебешев конечно со добиената исписница од МИК му пристапи на Работнички. Во Вардар настојуваа да го задржат, но тој беше свесен оти во една конкуренција со Драган Мутибариќ ќе беше само резерва. А тој не го сакаше тоа.
Симпатизерите на Работнички со радост ја пречекаа веста дека Никола Гелебешев ќе застане на голот на романтичарите. Оваа средина се чини и најмногу му одговараше, зашто и тој беше голман со романтична душа. Така се вклопија сите коцки, Гелебешев најде место под сонцето, а Работнички доби квалитетен и проверен голман. Споменав и погоре дека неговиот премин кај „железничарите“ дојде во истиот период кога на кормилото на клубот дојде Мирослав Червенски, а Јово Никушев ја имаше улогата на тренер. Ова се случи во зимскиот период во 1974 година, а вистинските резултати дојдоа во новата сезона. За тоа колку беше фуриозен почетокот на сезоната во Втората лига исток веќе споменав. Пет кола Работнички беше на чело на табелата, сѐ до оној фамозен меч со Влазними во Ѓаковица.
– Сите бевме пребледени, уплашени, никој не можеше да нѐ врати во нормала. Колку да се залагаше и тренерот Червенски да нѐ мотивира и да ни објасни дека ова што го прават е само за да нѐ уплашат, никако не можевме да се соземеме. Загубивме со 1-0 и од тие моменти како да почна да опаѓа нашата форма. Но затоа како мелем ни дојде онаа историска средба и победа над прилепска Победа, која како да ни го врати победничкиот дух. Во следните настапи продолживме со добри резултати, а во таа сезона се пласиравме и во четврт-финалето на југословенскиот куп. Бевме единствениот второлигаш во оваа завршница – се сеќаваше Гелебешев.
ЛАЖНИ ВЕТУВАЊА НА ГЕВГЕЛИЧАНИ
Во 1975 година Гелебешев замина во ЈНА, а следната година на Сеармиското првенство во Охрид настапи во партизанскиот повеќебој. Тој прво го освои првото место на повеќебојот на Скопската армиска област, пред неговиот фудбалски колега Драган Христовски.
– На Сеармиското првенство бев трет, што претставуваше голем успех, рамен на сензација. Пред мене беа словенечките десетобојци, инаку репрезентативци на Југославија, Приморац и Четник – се сеќаваше на тој настап Гелебешев.
Овие резултати во повеќебојот покажуваа дека станува збор за здраво момче пред кое ќе има уште долга кариера. Заинтересирана за него беше и Олимпија од Љубљана, но тој „наседна“ на ветувањата на своите гевгеличани и реши да брани повторно за Кожуф. Но уште во почетокот доживеа разочарување, зашто од силните ветувања немаше ништо. Разочаран ја менува средината и две години брани за Вардарски од Богданци, кој беше член на Првата македонска лига, а потоа се збогува со активното играње.
Интересно е дека Никола Гелебешев неколку години потоа беше тренер во фудбалската академија во Гевгелија, која беше формирана по иницијатива на германската амбасада. Имено, Германците, кои по Втората светска војна, кога се повлекувале од Грција останале извесен период во Гевгелија. Но последиците од војната ги чувствувало и домашното население, па тие многу му помогнале со лекови за да ја надмине здравствената криза.
– Како резултат на овој чин, а со желба да продолжат сплотувањето и соработката меѓу луѓето, Амбасадата на Германија одлучи да финансира една фудбалска академија во Гевгелија. Повеќе од 10 години работев на овој проект, но како што тоа често бидува кај нас, љубомората го „изеде“ проектот. Навистина штета – разочарувачки рече на крајот од разговорот Никола Гелебешев, кој на 73-годишна возраст замина во вечноста.