Кога Силвио Берлускони го купи клубот во септември 2018 година, некои се прашуваа дали овој третолигаш од периферијата на Милано е играчка за поранешниот италијански премиер. Тој зборуваше за Серија А, но тоа беа само разговори. Четири години подоцна, тоа стана реалност

ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА

Во италијанската Серија А има нов тим. Тоа е Монца, која по повеќе од еден век или поточно по 110 години од формирањето конечно игра во најсилната фудбалска лига на Италија. Кога Силвио Берлускони го купи клубот во септември 2018 година, некои се прашуваа дали овој третолигаш од периферијата на Милано е играчка за поранешниот италијански премиер. Тој зборуваше за Серија А, но тоа беа само разговори. Четири години подоцна, тоа стана реалност. За Берлускони, клучниот датум доаѓа кон крајот на октомври кога Монца на „Сан Сиро“ ќе му гостува на Милан, клубот што пет пати беше шампион на Европа кога тој беше газда. Тоа треба да биде специјален ден за Берлускони. Но за Адријано Галијани, долгогодишниот соработник на Берлускони во Милан, а сега извршен директор во Монца, секој ден е посебен. Ова беше неговиот сон. Тој беше човекот што го убеди Берлускони да му се врати на фудбалот. Монца секогаш беше клуб на Галијани.
– Роден сум во Монца, мајка ми беше од Монца. Таа ме носеше да гледам натпревари кога бев дете. Бев и еден од сопствениците во периодот од 1975 до 1985 година и во тие четири години бевме блиску до Серија А – вели Галијани во ексклузивното интервју за „Скај спорт“.
Но пласманот на Монца во Серија А не се случи сѐ додека во клубот не дојде Берлускони.
– Ова е нова авантура. Се чувствувам како Одисеј што се враќа на Итака – вели Галијани (78), кој е седум години помлад од Берлускони.
Ноќта во мај кога заврши долгото чекање на Монца беше многу емотивна. По преземањето на клубот, Берлускони ја постави храбрата цел да се стигне до Серија А до 2021 година. Но неуспесите во плејофот во Серија Ц, а потоа и во Серија Б го забавија напредокот. На реванш-мечот во Пиза во финалето од плејофот во Серија Б, тоа одложување се чинеше дека ќе продолжи. Домашните израмнија во последните моменти и мораше да се играат продолженија. Сепак, со головите на искусниот дански напаѓач Кристијан Гиткјаер и на дефанзивецот Лука Мароне, Монца славеше со 4-3 (вкупни 6-4) и се пласира во елитата, што многу го израдува Галијани, но и сите во и околу Монца.
– Во 110-годишната клупска историја, Монца никогаш не играла во Серија А. Тоа е причината зошто промоцијата во таа неверојатна ноќ во Пиза беше навистина остварување на сонот за мене – вели Галијани.
Сега можеби се создава простор клубот да размислува напред и поинаку. Како и секогаш, Галијани има голема доверба во Берлускони, кој освои 29 трофеи со Милан.
– Не сакам да правам споредби со други тимови, но можам да кажам дека Монца има единствен претседател, најуспешен во фудбалската историја. Неговата страст е иста како и во годините на Милан, а со силен, амбициозен и солиден клуб како што е Монца, навивачите можат да продолжат да сонуваат – додава Галијани.
Она што Монца реално може да го постигне сезонава е предмет на многу дебати, но повеќето очекуваат тие да бидат конкурентни. Матео Песина, кој беше дел од победничкиот тим на Италија за Европското првенство (ЕП) минатата година, се врати во матичниот клуб, од Аталанта. Дојдоа двајца голмани, тука е и дефанзивецот Марлон од Шахтар, во средниот ред е Стефано Сенси од Интер, а Андреа Ранокија донесе значително искуство. Џанлука Капрари лани за Верона постигна 12 гола во Серија А. Андреа Карбони потпиша петгодишен договор, а Андреа Петања дојде на заем.
Човекот што се обидува да го обедини сето тоа е тренерот Џовани Стропа, поранешен играч на Милан и на Монца. Во првиот натпревар од сезоната, Монца загуби од Торино (1-2), но амбициите остануваат големи. Како што им кажува Галијани на своите играчи: „Ни требаа 110 години да стигнеме до Серија А, не можеме да си заминеме по 12 месеци“.
За Монца ова треба да биде само почеток.
– Серија А е остварен сон, но не е крај на патувањето за Монца. Градиме конкурентен тим, кој може да игра редовно во Серија А во наредните сезони. Минатата година ми рекоа дека е лоша среќа ако се каже дека мораме да се пласираме во Серија А, но се случи спротивното. Треба да се сонува, но со рамнотежа. Како корпоративна цел, сепак, да бидеме околу 10-то место. Не треба да зборуваме само за опстанок – нагласува Галијани. Л.Д.


Галијани: Монца не е трета екипа од Милано

Монца не е трета екипа во Милано, туку прва во Бријанца, провинција со 900.000 жители, која одамна заслужи да има тим во Серија А, вели Галијани.
Целта е да се остави трајно наследство. Се подобрува инфраструктурата, стадионот е проширен (капацитетот е 16.000 места), со продадени права за името, а додадени се и ложи за да се зголемат комерцијалните приходи. Постои систем за осветлување на кој само Јувентус може да му парира. Тренинг-центарот „Монцело“ е комплетно реновиран, со најсовремен терен. Намерите се Монца да стане бренд, потпомогнат и од врските со гламурот на Формула 1 (Ф1) и со модата од високата класа. Во 2021 година, Роберто Кавали стана официјален моден партнер на клубот, а познатото лого на тркачката Ф1-патека во Монца го краси задниот дел од дресовите на тимот. Има видливи обиди да се привлечат помлади навивачи преку иновативни и традиционални методи. Монца е меѓу првите клубови во Италија што имаат е-спорт тим, а децата во градот добија брендирана футрола за моливи на Монца на првиот училиштен ден.