Фото: ЕПА

Астон вила, Болоња, Брест, Џирона и Штутгарт, кои главно имаат тренери што се во нивната прва целосна сезона, се на места на табелите од кои се обезбедува влез во ЛШ. Џирона и Брест никогаш не играле во Европа, Штутгарт е единствениот што настапил во ЛШ откако натпреварувањето се ребрендира во 1992 година, Астон вила има европска титула (во 1982 година), а единствените мечеви на Болоња во најсилното натпреварување беа во прелиминарната рунда во сезоната 1964/65

ФУДБАЛ

Може да има изненадувачки тим од секое од големите пет домашни фудбалски првенства во Европа кога новата Лига на шампионите (ЛШ) ќе дебитира во следната сезона, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“(АП). Астон вила, Болоња, Брест, Џирона и Штутгарт се на пат да се пласираат во елитното натпреварување пред последните неколку кола од домашните првенства. За шпанската Џирона и за францускиот клуб Брест тоа би било особено извонредно достигнување, откако ниту еден од нив никогаш не играл во некое европско натпреварување, пишува АП.
Сите тие главно имаат тренери што се во нивната прва целосна сезона, пишува АП. Астон вила беше единствениот од нив што се пласира за натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА) сезонава, откако го освои седмото место во Премиер-лигата. Тимот на тренерот Унаи Емери денеска игра со Олимпијакос во полуфиналето на Конференциската лига. Пресвртот на Штутгарт е зачудувачки. Речиси испадна во минатата сезона пред да победи во плејофот во минатиот јуни за да остане во Бундеслигата. Штутгарт е единствениот од петте што играл во ова натпреварување (претходно настапи во 2010 година) откако Купот на шампионите беше ребрендиран пред 32 години. Астон вила има европска титула (во 1982 година), единствениот настап на Болоња заврши во прелиминарната рунда во сезоната 1964/65, а Џирона и Брест никогаш не беа блиску до пласман, пишува АП.
Во октомври 2022 година, Астон вила беше над зоната за испаѓање само поради гол-разликата. Трансформацијата под водство на Емери ја донесе Астон вила на четвртото место сезонава. Клучни засилувања беа шпанскиот дефанзивец Пау Торес, кој работеше со Емери во Вилјареал, и францускиот плејмејкер Муса Дијаби од Баер. Оли Воткинс е меѓу најефикасните напаѓачи во Премиер-лигата, со 19 гола, два помалку од Ерлинг Холанд и еден од Кол Палмер, а Воткинс има и 12 асистенции, најмногу во лигата.

На тренерот на Болоња, Тиаго Мота, ЛШ не му е непозната, освојувајќи ја како играч со Барселона и со Интер. Тој го носи истиот интензитет во тренерската работа. Болоња беше еден од ретките тимови што освои бодови на дуели со новиот првак Интер, а победата со 3-1 неодамна со петтопласираната Рома ја крена Болоња на четири бода повеќе од својот ривал. Најдобрите пет ќе се пласираат во ЛШ. Холандскиот напаѓач Џошуа Зиркзе беше катализатор со 11 гола, а клучен беше и офанзивниот играч за врска Луис Фергусон, пишува АП.
Тренерот на Брест, Ерик Рој, како и Емери од Астон вила и Себастијан Хенес од Штутгарт, ја презеде клупата лани среде трката за опстанок. Четири победи во мај го издигнаа тимот на 14-то место во Лига 1 со 18 тима. Брест, кој претходно не беше повисоко од осмото место во лигата, беше банкротиран и деградиран во 1991 година и беа потребни 13 години за да се врати во второто ниво, пишува АП. Во Лига 1 се врати во 2019 година и оттогаш не заврши сезона подобро од 11. место. Но сезонава Рој ја засили одбраната, која прима помалку од еден гол на меч, и доби одлична сезона на плејмејкерот Пјер Лис-Мело, кој наскоро ќе наполни 31 година. По 31 коло Брест е на третото место, кое носи пласман во ЛШ.
Во голем дел од сезоната Џирона изгледаше како навистина да го предизвикува Реал Мадрид за титулата. Местото во ЛШ, сепак, би било голема победа за клубот, кој никогаш не играл во Европа, пишува АП. Тимот е на второто место со седум бода повеќе од четвртопласираниот Атлетико Мадрид, а пласман меѓу првите четири е доволен за влез во ЛШ. Џирона влезе во Ла лига во 2022 година и беше на 10. место лани. Но тренерот Мичел Санчез направи напредок со неговата екипа. Украинскиот напаѓач Артем Довбик со 19 гола е водечки во лигата, Савио и Јан Коуто имаат по осум асистенции… Ветеранот Дејли Блинд и позајмениот фудбалер од Барселона, Ерик Гарсија, ја закотвуваат одбраната. Само лидерот Реал Мадрид постигна повеќе голови сезонава, 71 наспроти 69 на Џирона.
Подемот на Штутгарт е веројатно исто толку изненадувачки колку освојувањето на првата титула на Баер во Бундеслигата, пишува АП. Тимот беше последен кога тренерот Хенес, внук на Ули Хенес, почесниот претседател на Баерн, ја презеде функцијата пред една година и сега е трет. Напаѓачот на Гвинеја, Серху Гуираси, се истакна со 25 гола, Дениз Ундав, позајмен од Брајтон, има 18. Н.М.