До почетокот на СП 2022, трофејот ќе посети 51 земја, со што ќе се приближи чекор поблиску до целта за посета на секоја од 211-те асоцијации-членки на ФИФА до 2030 година, пишува ФИФА. Трофејот е направен од злато и е тежок 6,142 кг, а неговиот сегашен дизајн датира од 1974 година

ФУДБАЛ

Турнејата на трофејот за светскиот фудбалски првак почна во Дубаи, каде што поранешните шампиони Икер Касиљас и Кака го испратија оригиналниот трофеј на неговото патување околу светот пред Светското првенство (СП) годинава, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА) на својата интернет-страница.
– Неверојатна чест е да се биде дел од првата станица на трофејот. Моето прво светско првенство како играч беше кога имав само 20 години и уште е свежо во мојот ум, за мене тоа беше остварување на сонот – рече Бразилецот Кака.
Трофејот ќе посети 51 земја, со што ќе се приближи чекор поблиску до целта за посета на секоја од 211-те асоцијации-членки на ФИФА до 2030 година. Првпат досега турнејата ќе ги посети сите 32 земји чии репрезентации се пласираа на СП 2022 во Катар.
– Тоа беше врв во мојата кариера кога го кренав токму овој трофеј како капитен на Шпанија во 2010 година. И возбудливо е што некој ќе го има тоа чувство во Катар подоцна годинава. Ме исполнува со голема гордост тоа што ви се придружувам на сите вас денес, кога го почнуваме патувањето на трофејот на Светското првенство, носејќи им го на навивачите низ светот – рече Касиљас.
Трофејот им се доделува на победниците на светските првенства, но останува во посед на ФИФА. Направен од злато и тежок 6,142 кг, трофејот прикажува две човечки фигури што ја држат Земјината топка нагоре. Неговиот сегашен дизајн датира од 1974 година. Бидејќи регулативите наведуваат дека оригиналниот трофеј мора да остане во сопственост на ФИФА, тимот што ќе го освои светското првенство го задржува автентичниот трофеј привремено и потоа трајно му се доделува трофеј од изданието на турнирот (позлатен, со врежани годината, земјата-домаќин и победникот на соодветниот настан), пишува ФИФА.