Покрај веројатноста дека тој е единствениот човек што бил селектор на две светски првенства во рок од една година, 54-годишниот Французин имаше кариера што, секако, може да се опише како интересна. Тој е двократен победник на Африканскиот куп на нациите, водеше тим во англиската четврта лига, а имаше и долг период работејќи како чистач помеѓу заминувањето во фудбалска пензија и станувањето тренер, пишува „Би-би-си“
Французинот Ерве Ренар во период од нешто повеќе од седум месеци предводи репрезентација на две фудбалски светски првенства, откако во декември лани беше селектор на репрезентацијата на Саудиска Арабија на Мундијалот за фудбалери, а сега е на чело на репрезентацијата на Франција, на Светското првенство (СП) за фудбалерки.
Покрај веројатноста дека тој е единствениот човек што бил селектор на две светски првенства во рок од една година, 54-годишниот Французин имаше кариера што, секако, може да се опише како интересна, пишува „Би-би-си“. Тој е двократен победник на Африканскиот куп на нациите, водеше тим во англиската четврта лига со Кембриџ јунајтед, а имаше и долг период работејќи како чистач помеѓу заминувањето во фудбалска пензија и станувањето тренер.
Интересно патување
Играчката кариера Ренар ја помина како дефанзивец во пониските дивизии на Франција, но тој се пензионира во 1998 година на 29-годишна возраст и, иако имаше желба да стане тренер, му требаше извор на приход за да ја оствари својата амбиција. По понудена шанса да работи како тренер во СЦ Драгињан, последниот клуб за кој играше, Ренар се вработи и како чистач, пишува „Би-би-си“. Стануваше среде ноќ и се упатуваше во станбен блок за да го собере ѓубрето и да извршува општи работи за чистење до пладне, пред да оди на тренинг подоцна попладне.
– Се будев во 2.30 часот наутро, завршував околу пладне, а потоа одев во 17 часот на тренинг во Драгињан. Трениравме и се враќав околу 21 часот за да јадам, а потоа легнував во 23 часот. Тоа беше мојот животен ритам осум години – изјави Ренар за „Би-би-си“ во 2019 година.
Додека Ренар ги завршуваше своите тренерски квалификации во тоа време, исцрпувачкиот период работејќи како чистач е нешто на што му припишува дека го претворило во менаџер каков што е денес.
– Горд сум што го направив тоа. Да се биде фудбалер е исклучителен живот, имаме привилегиран живот и не смееме да го заборавиме тоа – вели тој.
Првата вистинска можност на Ренар како тренер беше кога Клод Ле Рој, кој го предводеше Камерун на Светското првенство во 1998 година, бараше помошник, откако го презеде Шангај Коско во 2002 година. Пјер Ромеро, поранешен директор на Руан и кој прво го ангажира Ренар во неговата компанија за чистење, му го препорача на Ле Рој и тој набрзо му се придружи на искусниот тренер во Кина. Ренар потоа го следеше Ле Рој во Англија во Кембриџ јунајтед, што се заокружи со тоа што Ренар раководеше со тимот девет месеци. Тој беше заслужен за работната етика што ја всади во Кембриџ, нешто што беше изградено во него од тие часови работејќи како чистач во текот на ноќта и како тренер во развој во текот на денот, пишува „Би-би-си“.
Во неговата прва претсезона, тренинзите почнуваа во 5.30 наутро и имаа три сесии во текот на денот, додека Ренар ги подготвуваше и организираше своите играчи. Тој набрзо откри дека меѓународниот менаџмент повеќе му одговара, бидејќи стана првиот тренер што го освоил Африканскиот куп на нациите со различни репрезентации, со Замбија и со Брегот на Слоновата Коска.
Прифаќање на предизвикот на Франција
Ренар, очигледно, не избегнува предизвик и тоа секако го доби кога го презеде францускиот тим, кој во 2019 година стигнаа до четврт-финалето на Светското првенство, а потоа го освои третото место на ланското Европско првенство. Но долго време се очекуваше подобар резултат, подготовките за неодамнешните турнири често беа засенети од контроверзии, а таа тензија дојде до врвот во почетокот на годинава, кога голем број француски фудбалерки објавија дека нема да играат за националниот тим на Светското првенство летово. Во март годинава на местото на Корин Диакре на селекторската функција беше назначен Ренар, пишува „Би-би-си“.
Ренар немаше претходно искуство како тренер во фудбал за жени и имаше помалку од четири месеци да се подготви за Светското првенство. Неколку фудбалерки беа вратени во тимот, вклучувајќи ја и напаѓачката Ежени Ле Сомер, која стави крај на двегодишното отсуство од репрезентацијата и која ја награди довербата на Ренар со два гола во победата над Колумбија со 5-2 во првиот меч на Ренар како селектор на Франција. Следуваа дополнителни охрабрувачки резултати, победи на мечевите со олимпискиот првак Канада и со Република Ирска во пријателските натпревари пред да загуби од кодомаќинот на Светското првенство, Австралија, во нивниот последен тест-натпревар пред СП, на 14 јули.
Франција го почна СП 2023 со мечот со Јамајка вчера.
– Атмосферата сега е фантастична, не се обидувам да ве убедам – ова е вистината. Во минатото можеби не знаеја точно какво е нивното ниво. Мора да сфатат дека нема подобар тим од нив. Мора да верувате во себе и ако овој тим верува во себе, ќе има фантастично Светско првенство – рече тој. Н.М.