Поголемиот дел од приходите е од ТВ-договорите, најголемиот дел се дели еднакво меѓу клубовите, а остатокот врз основа на местото на табелата и бројот на мечеви на ТВ. Според процените направени од фудбалскиот финансиски експерт „Свис Рамбл“, за сезоната 2020/2021 имало разлика од околу 76,8 милиони евра во паричната награда што ја добил шампионот Манчестер сити (околу 190 милиони евра) и последнопласираниот Шефилд (околу 112,3 милиони евра)
Пари има и за првиот и за последниот
Првпат во 30-годишната историја, вчерашното последно првенствено коло во англиската фудбалска Премиер-лига решаваше за титулата, за местата што водат во еврокуповите, како и за испаѓање. Но, покрај тоа, има и нешто друго за што играа(т) клубовите.
Позицијата во Премиер-лигата, дури и за тимовите што завршуваат во средината на табелата има удел при распределбата на паричните награди на крајот од сезоната од приближно три милијарди фунти (3,65 милијарди евра) од ТВ-зделката на Премиер-лигата според важечкиот договор. Милиони се во прашање дури и за клубовите што технички немаше за што да играат, пишува весникот „Индепендент“.
Според процените направени од фудбалскиот финансиски експерт „Свис Рамбл“, за сезоната 2020/2021, имало разлика од околу 65 милиони фунти (76,8 милиони евра) во паричната награда што ја добил шампионот Манчестер сити, 160 милиони фунти (190 милиони евра) и последнопласираниот Шефилд, 95 милиони фунти (112,3 милиони евра).
Поголемиот дел од приходите на Премиер-лигата е од ТВ-договорите, домашни и странски, и најголемиот дел се дели еднакво меѓу клубовите, без оглед на позицијата на табелата.
Околу 50 отсто од приходите од домашните ТВ-договори и 20 отсто од странските ТВ-зделки се делат врз основа на местото на табелата во лигата и според бројот на натпреварите што се пренесувале на ТВ во сезоната. Њукасл, на пример, доби околу шест милиони фунти (седум милиони евра) повеќе од Астон вила минатата сезона, и покрај тоа што заврши под нив на табелата. За секое место погоре на табелата се добиваа по околу три милиони фунти (3,55 милиони евра).