Фото: ЕПА

Според плановите што се појавија во февруари, фудбалерите ќе добиваа сини картони за неспортско однесување или за тактички прекршоци и ќе поминуваа 10 минути надвор од теренот. „Ова е тема што за нас не постои. ФИФА е целосно против сините картони. Мора да бидеме сериозни. Секогаш сме отворени да ги разгледаме идеите и предлозите и, се разбира, сѐ треба да се третира со почит. Но, штом ќе го погледнете, исто така, треба да ги заштитите суштината и традицијата на играта“, рече претседателот на ФИФА, Инфантино

Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) нема да го прошири тестирањето за казнени клупи или да воведе сини картони во фудбалот, но планира да тестира нови правила за да го подобри однесувањето на фудбалерите. Претходно, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, ја отфрли можноста за воведување сини картони во елитниот фудбал, изјавувајќи: „Тоа е црвен картон за синиот картон“, пишува „Би-би-си“.
– Ова е тема што за нас не постои. ФИФА е целосно против сините картони. Мора да бидеме сериозни. Секогаш сме отворени да ги разгледаме идеите и предлозите и, се разбира, сѐ треба да се третира со почит. Но штом ќе го погледнете, исто така, треба да ги заштитите суштината и традицијата на играта. Нема син картон – рече Инфантино.
Од Меѓународниот фудбалски борд рекоа дека ги подобруваат упатствата на младинско ниво во фудбалот, каде што казнените клупи се пробуваат од 2017 година.
– Секоја потенцијална поширока употреба ќе биде разгледана само откако ќе се разгледа влијанието на овие промени – се наведува во соопштението на Меѓународниот фудбалски борд по годишниот генерален состанок одржан во саботата.
Според плановите што се појавија во февруари, фудбалерите ќе добиваа сини картони за неспортско однесување или за тактички прекршоци и ќе поминуваа 10 минути надвор од теренот.

ТЕСТИРАЊЕ НОВИ ПРАВИЛА

Наместо тоа, во саботата Меѓународниот фудбалски борд објави три теста за подобрување на однесувањето на играчите во домашните натпреварувања под првите две најсилни дивизии. Така, ќе се тестираат правилата само капитенот на тимот да може да му пријде на судијата во одредени ситуации, да има периоди за разладување, за да му се овозможи на судијата да побара од тимовите да одат во сопствениот шеснаесетник и зголемување на временското ограничување за голманите што ја држат топката во рацете од шест на осум секунди или поседот на топката ќе се врати на противничката екипа, пишува „Би-би-си“.

ИГРА СО РАКА, ЗАМЕНИ ПРИ ПОТРЕС НА МОЗОК…

На состанокот на Меѓународниот фудбалски борд прочистено е и правилото за игра со рака, така што фудбалерите повеќе не се изложени на ризик од добивање црвен картон за случајно играње со рака во шеснаесетникот.
Правилото за дополнителни трајни замени при потрес на мозокот ќе стапи во сила од 1 јули, но дали ќе се спроведе ќе зависи од организаторите на индивидуалните натпреварувања, пишува „Би-би-си“.
ИФАБ првпат ги одобри испитувањата на замени при потрес на мозокот на состанок во 2020 година. Протоколот значи дека може да се направат постојани замени ако играчот претрпи повреда на главата, дури и ако сите замени се искористени. Инфантино исто така ја отфрли идејата за привремени замени при потрес на мозокот.
– Нема да воведеме привремени замени, бидејќи се грижиме за здравјето на играчите и потресот на мозокот е важна тема за нас. Инвестиравме многу пари, 1,5 милион фунти во истражување. Сега имаме експертиза во оваа област. И медицинските експерти велат дека е едноставно невозможно за неколку минути да се утврди дали имало потрес на мозокот и дали е сериозен или не. Затоа, во случај на сомнителен потрес на мозокот, играчот треба да биде заменет. Ако сакате да се грижите за здравјето на играчот, фудбалерот излегува и влегува друг играч. Сѐ друго не е заштита на главите на играчите, само давање некои пиар објави – рече Инфантино, пренесе „Би-би-си“.
ИФАБ е составен од претставници на ФИФА и на четирите британски фудбалски федерации, ФИФА има четири гласа, а федерациите на Англија, Северна Ирска, Шкотска и на Велс имаат по еден, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“. Н.М.


Инфантино: Не можете повеќе да го замислите фудбалот без ВАР

Привремениот генерален секретар на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Матијас Графстром, исто така рече дека судиите ќе го објават исходот од прегледите на системот видеопомошник-судијата (ВАР) на Летните олимписки игри годинава во Париз, пишува „Би-би-си“. На Светското првенство за фудбалерки во 2023 година судиите ги објавуваа одлуките за ВАР преку микрофон за гледачите на стадионите и за гледачите дома, првпат на меѓународниот турнир на ФИФА за сениори. Сега нема планови гледачите дома или на стадионот да ги слушаат разговорите во ВАР-кабините во реално време.
– Ќе биде тешко на стадион да се слушне што се случува на ВАР-кабината. Но, објаснувањето од судијата е важен чекор во вистинската насока во објаснувањето на јавноста и на луѓето на стадионот зошто тој донел одредена одлука. ВАР не е толку стар. Направи многу напредок и ќе направи уште повеќе – изјави Инфантино.
Запрашан дали уште верува во концептот, Инфантино рече: „Многу. Не можете повеќе да го замислите фудбалот без ВАР. Никој не може да го направи тоа“, пренесе „Би-би-си“.