Фото: Игор Бансколиев

Волтон и Хершам, „домот на најмладите сопственици на фудбалски клуб во светот“, е во сопственост на училишни пријатели, кои имаа 19 години кога ги зедоа своите студентски заеми за да купат нелигашки клуб во 2019 година, а три години и две промоции подоцна заработуваат од рапидно растечкото присуство на социјалните мрежи, што резултира со продажба на дресови во целиот свет, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Нивната просечна посетеност во лигата во минатата сезона беше 296, а сепак тие имаат повеќе следбеници на Тик ток од шест клуба од англиската фудбалска Премиер-лига, а нивните сопственици се помлади од повеќето играчи што ги ангажираат. Добредојдовте во Волтон и Хершам, „домот на најмладите сопственици на фудбалски клуб во светот“, пишува „Би-би-си“.
Училишните пријатели Џек Њутн, Калогеро Сканела, Сартеј Такер, Томас Бредбери, Бен Маделин, Стефан Кариди и Реме Едетанлен имаа 19 години кога ги зедоа своите студентски заеми за да го купат нелигашкиот клуб во 2019 година. Три години и две промоции во повисок ранг подоцна, „лебедите“ заработуваат од рапидно растечкото присуство на социјалните мрежи, што резултира со продажба на дресови во целиот свет. Волтон и Хершам се подготвува да ја почне сезоната 2022/2023 со меч со Кенингтон, во прелиминарното коло од ФА-купот, а младите косопственици зборуваат за „Би-би-си“ за нивните планови да ја размрдаат нелигашката сцена.
– Во почетокот сите мислевме дека купувањето клуб е апсолутно луда идеја. Како некој може да помисли дека ова ќе функционира? – вели Такер, директор за операции и медиуми на Волтон и Хершам. Претседателот Њутн додава: „Многу е полесно да водиш клуб со твоите другари затоа што знаеш дека на крајот можеш да го кажеш она што ти е на ум“.

Откако се пласираа во осмото ниво на англискиот фудбал, освојувајќи 91 бод од 38 меча во минатата сезона, Волтон и Хершам не може да биде наречен паб тим, пишува „Би-би-си“. Сепак, во 2019 година, пабот „Мил“ во Кингстон на Темза стана редовно место за состаноци на седумтемина за да разговараат за купување на 77-годишниот клуб. Волтон и Хершам го победи Брајтон, воден од Брајан Клаф во ФА-купот во сезоната 1973/74, еднаш како претседател го имаа добитникот на „златната топка“, сер Стенли Метјус, а напаѓачот Нејтан Елингтон играше за нив пред да настапи за Вест Бромвич во Премиер-лигата. Во 1973 година играа на стадионот „Вембли“ пред 41.000 гледачи во претпоследното финале на аматерскиот куп на ФА, победувајќи го Слау Таун со 1-0. До 2019 година, „лебедите“ требаше да бидат исфрлени во 10-то ниво и долгорочниот сопственик Алан Смит сакаше да го продаде клубот.
– Целата идеја произлезе од Калогеро. Тој одеше на мечеви и разговараше со сопственикот – вели Њутн.
Седумтемина составија документ за да му го претстават на Смит, во кој ги прикажуваат своите планови за клубот.
– Дури ги ставивме и нашите училишни оценки. Едвај имавме пари за ова. Бевме 19-годишни студенти што собраа студентски заеми за да ја финансираат целата работа. По неколку илјади фунти секој – рече Њутн.
Младите сопственици ги искористија своите вештини за социјални медиуми за да создадат импресивна онлајн мрежа со која би се гордееле многу клубови од Премиер-лигата. Волтон и Хершам има 753.700 следбеници на Тик ток, повеќе од Нотингем форест (210.200), Фулам (272.100), Брајтон (344.500), Саутемптон (440.700), Кристал Палас (459.100) и од Борнмаут (585.700), пишува „Би-би-си“. Клип од 32 секунди објавен кон крајот на минатата сезона е прегледан 3,5 милиони пати.
– Објавивме кратки видеоблогови за денот на натпреварот во текот на минатата сезона, една минута за секој натпревар. Тоа им овозможи на луѓето од целиот свет да се вклучат во нашата приказна – вели Такер.

Лани „лебедите“ соработуваа со компанија од Манчестер за дистрибуција на нивните дресови. Партнерството резултира со тоа што продаваа дресови во повеќе од 30 земји на шест континенти, вклучувајќи го и атлантскиот остров Сент Пјер и Микелон, населен со само 6.000 луѓе, пишува „Би-би-си“.
– За клуб што не е во професионална лига неверојатно е тоа што може да продава дресови на секој континент. Луѓето се навистина заинтересирани за нашата приказна и за она што се обидуваме да го направиме. Со сегашното темпо, треба да достигнеме еден милион следбеници на Тик ток до крајот на октомври – рече Такер.
Клубот има цел место во Националната лига Југ во следните пет години.
– Не фрламе пари наоколу како некои луѓе во клубовите што не се во професионалните лиги. Се обидовме да го направиме сето тоа што е можно поодржливо и претприемнички. Во однос на досадувањето, неколку години подоцна можеби ќе сакаме да преминеме на други работи. Но клубот ќе биде во многу силна позиција, ако и кога ќе дојде тоа време. Нашиот план е да оставиме нешто позитивно за заедницата – вели Њутн.