ФУДБАЛ
Ждрепката за клупското Светско првенство (СП) годинава во Саудиска Арабија одреди дуел во второто коло помеѓу мексиканскиот дебитант Клуб Леон (првак на Северна Америка) и азискиот шампион Урава редс од Јапонија, а победникот ќе игра во полуфиналето со европскиот првак Манчестер сити од Англија, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Првакот на Африка, Ал Ахли од Египет, во второто коло ќе се сретне со победникот од дуелот Ал Итихад (домаќин на турнирот, првак на Саудиска Арабија) – Окленд сити (Нов Зеланд, првак на Океанија), а победникот од тој дуел во второто коло, во полуфиналето ќе игра со шампионот на Јужна Америка, кој допрва треба да биде одреден (во полуфиналето се Бока јуниорс од Аргентина и Палмеирас, Флуминенсе и Интернационал од Бразил).
Годинашното клупско СП треба да се игра од 12 и 22 декември во Џеда и е последно со учество на седум екипи. Од 2025 година почнува новиот формат на клупското СП, кое треба да се игра секои четири години, со учество на 32 тима.