ФУДБАЛ – УЕФА

Полуавтоматската офсајд-технологија ќе има премиера на мечот за Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) во Хелсинки (Финска), помеѓу Реал Мадрид и Ајнтрахт, в среда, а ќе се користи и во претстојната сезона на Лигата на шампионите (ЛШ), објави УЕФА на својата интернет-страница.
– УЕФА постојано бара нови технолошки решенија за да ја подобри играта и да ја поддржи работата на судиите. Овој иновативен систем ќе им овозможи на тимовите на одделот за видеопомошник-судија (ВАР) брзо и попрецизно да ги одредуваат офсајд-ситуациите, подобрувајќи ги текот на играта и конзистентноста на одлуките. Системот е подготвен да се користи на официјални натпревари и да се имплементира на секој стадион во Лигата на шампионите – изјави главниот на судиите во УЕФА, Роберто Розети.
Новиот систем ќе работи благодарение на специјализираните камери, кои можат да следат 29 различни точки на телото на секој играч. Извршени се вкупно 188 теста од 2020 година, пишува УЕФА.