Поранешни играчи ќе бидат анкетирани, а ПФА се залага за создавање фонд за нега, додека намерата е повредата на мозокот, хроничната трауматска енцефалопатија, да биде класифицирана како индустриска болест

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Здружението на професионални фудбалери (ПФА) во Англија почна нова серија консултации за повредите на мозокот поврзани со удирањето на топката со глава и апелира до поранешните фудбалери што се загрижени за невродегенеративните болести да им се обратат за совет.
Тоа се прави за да се соберат што повеќе докази за поврзаноста помеѓу удирањето топка со глава и повредите на мозокот, како и да се подобри поддршката на играчите.
Дијагностицираните и недијагностицираните поранешни играчи ќе бидат анкетирани, а Здружението на професионални фудбалери се залага за создавање фонд за нега. Исто така, намерата е повредата на мозокот, хроничната трауматска енцефалопатија (ХТЕ), да биде класифицирана како индустриска болест.
Дон Астл, ќерка на поранешниот фудбалер на ВБА и репрезентативец на Англија, Џеф Астл, кој почина со ХTE во 2002 година, изјави дека на семејствата што се грижат за најблиските им треба „суштинска и долгорочна поддршка“.
Таа го води проектот за невродегенеративни болести при Здружението на професионални фудбалери и се надева дека новите консултации ќе „охрабрат повеќе поранешни играчи да се јават и да помогнат дополнително да се демонстрира обемот на проблемот“. Доказите ќе бидат доставени до Советодавниот совет за индустриски повреди, кој би можел да препорача засегнатите да добиваат бенефиции од Владата.
Новите упатства издадени минатиот јули велат дека професионалните фудбалери во Англија треба да бидат ограничени на 10 „посилни удари на топката со глава“ неделно на тренинзите од сезоната 2021/2022.
Во август, новото истражување покажа дека одбранбените играчи имаат поголема веројатност да заболат од деменција во подоцнежниот живот во споредба со другите играчки позиции во фудбалот.
Претходно годинава, Здружението на професионални фудбалери формира посебен оддел за нега на поранешни играчи што живеат со невродегенеративна болест (НДБ).