Фото: ЕПА

Вкупно 214 милиони гледачи следеле фудбалски мечеви на стадионите, откако УЕФА напиша дека имало уште и вкупно 105 милиони гледачи на средби во пониските лиги, домашните и куповите на УЕФА, клупски натпревари во фудбал за жени и на дуели на репрезентации

ФУДБАЛ – ИЗВЕШТАЈ НА УЕФА ЗА МИНАТАТА СЕЗОНА

Европската фудбалска унија (УЕФА), во својот извештај „Европски клупски таленти и пејзаж на натпреварувањата“, објави дека посетеноста на стадионите низ целиот континент во сезоната 2022/2023 го нагласува закрепнувањето на фудбалот од пандемијата, откако 209 милиони луѓе гледале фудбал од трибините, од тоа рекордни 109 милиони гледачи на прволигашки мечеви.
– Вкупно 109 милиони гледачи присуствуваа на домашните највисоки лиги во текот на сезоната 2022/2023, што е зголемување за четири отсто во однос на претходниот рекорд, поставен во сезоната 2018/2019. Кога ќе се пресметаат најмалку 68 милиони во пониските лиги, 13 милиони на мечевите во домашните купови, 16 милиони на клупските натпревари на УЕФА и најмалку три милиони присутни на клупски мечеви во фудбал за жени, вкупниот број достигнува извонредни 209 милиони гледачи – пишува Европската фудбалска унија во својот извештај.
Во вкупната бројка не се пресметани мечеви од аматерски фудбал од пониски лиги, младински фудбал со исклучок на младинската лига на УЕФА, неконкурентни егзибициски натпревари, прелиминарни натпреварувања во куповите…, како и пет милиони гледачи на натпреварите на репрезентациите во текот на сезоната, пишува УЕФА.
Премиер-лигата била најгледана лига, со 15,3 милиони посетители, Бундеслигата, која има помалку натпревари, имала највисока просечна посетеност, Барселона беше најподдржан клуб, со 1,59 милион гледачи во домашното првенство, а Манчестер јунајтед е втор со 1,4 милион, пишува „Би-би-си“. Силата на англиската фудбалска пирамида се покажа во бројките за гледачи на мечевите од пониските лиги, 22,5 милиони, потоа се Германија со 12,2, Шпанија со 7,7 Италија со 7,3 милиони… Н.М.


Во сезоната 2022/2023 имало 735 отпуштања од највисоките лиги низ Европа, што е втора највисока бројка досега

Просечниот мандат на тренерите во Европа бил помалку од 16 месеци

Во највисоките европски фудбалски лиги во минатата сезона просечниот мандат на тренер бил помалку од 16 месеци, според извештајот на Европската фудбалска унија (УЕФА), пишува „Би-би-си“. Во сезоната 2022/2023 имало 735 отпуштања на тренери од највисоките европски лиги, што е втора највисока бројка досега. Премиер-лигата забележа рекордни 15 промени на тренерите.
Според извештајот, од 1.209-те тренери од највисоко ниво на континентот, помалку од пет проценти биле на својата работа пет или повеќе години. Во својот извештај „Европски клупски таленти и пејзаж на натпреварувањата“, УЕФА вели дека просечниот тренерски мандат во 48 европски врвни лиги во сезоната 2022/2023 година бил 1,31 година, што е најниско од 2018 година (1,3 година). Во само шест земји просечниот работен стаж бил над две години. Најнискиот просек во изминатата деценија беше 1,29 година во 2016 година. Сезоната со најмногу тренерски промени била 2020/2021, кога биле отпуштени 763 тренери. Лани во англиската Премиер-лига имаше вкупно 41 тренер, шест клуба имаа тројца кормилари најмалку за еден првенствен меч, а два клуба по четири. Вкупно 55 отсто од тимовите од Премиер-лигата направија промена и тоа е најголемиот процент меѓу најсилните пет европски лиги, откако Франција и Шпанија имаа 50 проценти, Германија 44, а Италија 35 отсто. Н.М.