Фото: ЕПА

За четирите места во ЛШ се тркаат 11 тима. Англија во идната сезона може да има пет, но и шест тима во најсилното европско клупско натпреварување

ФУДБАЛ

Нотингем Форест, Брајтон и Астон вила беа големите победници во трката за европскиот фудбал викендов во англиската фудбалска Премиер-лига, откако Форест се зацврсти на третото место со победата со 1-0 на дуелот со уште еден кандидат за пласман во Лигата на шампионите, Манчестер сити, Брајтон со пресврт го победи Фулам, а Астон вила тесно славеше на гостувањето кај Брентфорд, пишува „Би-би-си“. Тие три победи дополнително ја вжештија трката за место во едно од трите европски клупски натпреварувања
Нотингем форест игра за враќање во најсилното европско клупско натпреварување првпат од сезоната 1980/1981. Брајтон се доближува до најдобрите четири откако направи четири победи во низа. Враќањето на Астон вила на победничките патеки во Брентфорд значеше дека ги прескокна Фулам, Борнаут и Њукасл и се искачи од 10-то на седмото место. Избраниците на тренерот Унаи Емери заостануваат само бод зад Брајтон во трка за трета последователна сезона во Европа. Њукасл и Борнмаут се наоѓаат на осмото, односно на деветтото место, но имаат еден натпревар помалку од пет од тимовите што се пласирани меѓу првите седум на табелата. Табела по саботните мечеви: Ливерпул 70, Арсенал 54, Нотингем форест 51, Манчестер сити, 47, Челси, 46, Брајтон 46, Астон вила 45, Њукасл 44, Борнмаут 43, Фулам 42, Кристал палас 39, Брентфорд 33, Тотенхем 33, Манчестер јунајтед 33, Вест хем 33, Евертон 32, Вулверхемптон 22, Ипсвич 17, Лестер 17, Саутемптон 9.
Стандардните позиции што обезбедуваат европски места од Премиер—лигата се првите четири за Лигата на шампионите, петтото место за Лига Европа, второто место во Лига Европа се доделува на победникот на ФА-купот, а победниците на Лига-купот добиваат место во плејофот за влез во Конференциската лига.

Доколку победниците на ФА-купот обезбедат европски квалификации на друг начин, тогаш шестопласираната екипа во Премиер-лигата го зазема тоа место. Слично на тоа, ако победникот на Лига-купот обезбеди европско место по друга патека, тогаш местото на Конференциската лига преминува на шестопласираната екипа. И ако и двата домашни победници на куповите добијат европски места на други начини, тогаш местото во Лига Европа оди за тимот на шестото место, а местото во Конференциската лига за тимот на седмото место.
Секоја земја добива коефициент за рангирање врз основа на тоа како нејзините тимови настапуваат во трите клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига. Земјите на првите две места на таа табела на УЕФА добиваат дополнително место во Лигата на шампионите за следната сезона. Тие места се доделуваат на тимовите што ќе се пласираат на првата позиција под стандардната распределба за пласман во Лигата на шампионите во тие лиги. Дополнителни места за сезонава добија Болоња и Борусија Дортмунд, кои беа на петтото место во Серија А, односно во Бундеслигата. Сезонава на првите две места на рангирањето на УЕФА се Англија и Шпанија.
Англија во следната сезона би можела да има шест тима од Лигата на шампионите, бидејќи место во најсилното натпреварување добива и победникот на Лига Европа. Тимот што ќе ја освои Лига Европа но нема да се пласира во Лигата на шампионите преку својата домашна лига ќе игра во Лигата на шампионите. Од Англија во осминафиналето на Лига Европа се Манчестер јунајтед и Тотенхем. Н.М.