Ливерпул и Манчестер сити по првите средби се доближија до пласманот понатаму, Реал Мадрид ќе има тешка задача со ПСЖ, а Баерн никако не смее да го потцени Салцбург

ФУДБАЛ – ПРОДОЛЖУВА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Двата англиски тима, Ливерпул и Манчестер сити, имаат солидна предност пред реваншите денеска во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) со Интер, односно со Спортинг, за разлика од Баерн и Реал Мадрид, кои ги чекаат неизвесни мечеви со Салцбург, односно со ПСЖ.
Ливерпул е поблиску до четврт-финалето од Интер по победата во првиот меч на гости со 2-0. Интер на англиска почва има четири победи на 16-те гостувања. Последен пат тоа се случи во 2010 година, кога Самуел Ето беше стрелец во победата со 1-0 на гости кај Челси, во истата оваа фаза (вкупно 3-1). „Нероазурите“ имаат добри спомени кога станува збор за анулирање негатива од два гола против Ливерпул. Во полуфиналето во 1965 година, во реваншот дома тие победија со 3-0, откако претходно на стадионот „Енфилд“ загубија со 1-3. Таа година Интер вторпат стана првак на Европа. Ливерпул ги доби сите 34 европски дуели на кои победил на првиот натпревар на гости.
Карим Адејеми (20), кој му се приклучи на Баерн на осумгодишна возраст, сега како напаѓач на Салцбург има шанса да го исфрли својот матичен клуб од ЛШ. Избраниците на Јулијан Нагелсман сигурно нема да ги потценат гостите, особено откако во првиот меч израмнија во последната минута (1-1) и успеаја да ја продолжат рекордната серија од 22 натпревари на гости без пораз во ЛШ.

Две од претходните три сезони на Реал Мадрид во ЛШ завршија во осминафиналната фаза. Ривал на „кралевите“ им е Пари сен Жермен, предводен од Лионел Меси, кој одигра 45 дерби-меча „Ел класико“ против Реал Мадрид во дресот на Барселона. Во сезоната 2010/2011, Реал Мадрид ѝ стави крај на серијата од шест елиминации по ред во осминафиналето, пред Барселона да му застане на патот кон финалето, на меч на кој во игра влезе Меси и постигна два гола во последните 15 минути. Спортинг ќе има за цел да не претрпи нов пораз од Манчестер сити. Пеп Гвардиола сигурно мисли дека неговиот тим може подобро, со оглед на коментарите по првиот натпревар: „Некои играчи одиграа слабо. Често непотребно ја губевме топката. Кога се случува тоа против врвни тимови во Европа, им давате шанса за контранапад. Мораме да се подобриме“.