Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Украина со 0-2 на неутрален терен во Прага, Чешка, во клучниот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година.
Георгиј Судаков во 30-та минута и Олександр Караваев во самата завршница од дуелот беа стрелци на головите за Украина.
Македонија имаше повеќе изгледни прилики, но Бојан Миовски, Стефан Ашковски, Енис Барди и Дарко Чурлинов не успеаја да го совладаат украинскиот голман Анатолиј Трубин.
Селекторот Благоја Милевски изрази разочарување од вечерашниот пораз од Украина.
– Мислам дека сите гледачи на стадионот уживаа во натпреварот. И Украина и Македонија покажаа добра игра. Честитки за Украина за победата, но горд сум на моите момци. Нашата реакцијата по несреќно примениот гол беше одлична. На почетокот на вториот дел направивме измени и успеавме да се наметнеме, но, за жал, не успеавме да дојдеме до гол и кога нема да ги искористиш шансите, поразот е неминовен – изјави Милевски на прес-конференцијата по натпреварот.
На табелата во групата Ц убедливо води Англија со 13 бода од пет меча, пред Украина со 10 (од шест натпревари) додека со седум бода се израмнети Македонија (шест) и Италија (четири), а Малта е без бодови (од пет дуела).
Македонската репрезентација во вторник во Струмица ја пречекува Ерменија во пријателски натпревар, а евроквалификациите ќе ги заокружи идниот месец против Италија во Рим на 17 ноември и против Англија во Скопје на 20 ноември.
На ЕП 2024 ќе се пласираат првите две селекции од секоја од десетте квалификациски групи. Во случај две или повеќе репрезентации да бидат израмнети со бодовите, меѓусебниот дуел е прв што решава кој ќе има подобар пласман.