За формацијата 3-4-3 се потребни тактички умни играчи што целосно ја разбираат нивната улога во тимот. Тие мора да бидат флексибилни и да знаат како да
одговорат на задачите, со и без посед на топка

ФУДБАЛОТ И ТАКТИКИТЕ (7)

Фудбалската формација 3-4-3 е во мода и обратно, бидејќи тактичките иновации честопати ги принудуваат тимовите и тренерите да ги менуваат пристапот и начинот на игра. Убавината на фудбалот е и во тоа што не постои единствен начин како да се игра и како да се победува. Речиси во секоја лига тимовите играат во најразновидни формации, што најмногу зависи од типот на играчите што тренерите ги имаат на располагање, од противникот против кого играат, како и од филозофијата на противничкиот тренер.
За да функционира формацијата 3-4-3 се потребни тактички умни играчи, кои целосно ја разбираат нивната улога во тимот. Тие мора да бидат флексибилни и да знаат како да одговорат на задачите, со и без посед на топка. Ако тимот ја усоврши играта во оваа формација, ќе биде во можност да ги притисне противниците на нивната половина. Но доколку не може, ризикот е одбраната да се најде на удар, бидејќи противниците можат да ги користат празнините и просторот што таа формација ги остава во последната одбранбена линија. Но не секој тим има играчи за таква формација, која се базира врз издржливоста, тактичката дисциплина, како во нападот така и во одбраната, и на високото техничко ниво на играчите.
Таа формација се состои од тројца централни дефанзивци, пред нив двајца играчи во централниот среден ред способни да играат успешно како во дефанзива, така и во офанзива, две крила-бекови и тројца напаѓачи. Таа формација честопати може се трансформира и во 3-4-2-1, со двајца напаѓачи што играат како „десетки“, а еден како најистурен. Можна опција е и „лажна деветка“.

Се смета дека формацијата 3-4-3 потекнува од доцните 80-ти и раните 90-ти години од 20 век во Италија, која беше првата земја во која повеќе тимови играа со тројца централни дефанзивци или во поофанзивна варијанта 3-5-2. Во овој контекст се спомнува и Холанѓанецот Јохан Кројф, кој како тренер на Барселона имаше успех со формацијата 4-3-3, која честопати ја менуваше во 3-4-3. Со таквата формација може да се направат многу кратки додавања и да се има голем посед на топката.
Кога тимот ќе ја загуби топката, формацијата 3-4-3 се претвора во 5-2-3 или во 5-4-1. Двете крила-бекови во одбраната ја формираат бековската линија од петмина и се одговорни за блокирање на нафрлените топки од страничните позиции. Тројцата центархалфови ги покриваат централните простори, а двајцата играчи во средниот ред се блиску до својот гол за да се намали просторот помеѓу линиите. Тројцата напаѓачи преминуваат во средниот ред или притискаат високо.

Оваа формација ја користеше и Марсело Биелса од 1991 година, во Њуелс, потоа и како селектор на Аргентина и на Чиле. На СП 2018, во таква формација играа Аргентина, Полска, Белгија, Мексико и други репрезентации, во повеќе варијации и со различен ефект и успех. Се чини дека сѐ повеќе тренери ја прифаќаат таа формација, која си наоѓа свое место во модерниот фудбал.
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, честопати игра со тројца централни дефанзивци. Тој сака неговите крила-бекови да бидат способни да нафрлуваат топки во противничките 16 метри, да притиснат понапред и да комбинираат со двете „десетки“.
Пред неколку сезони Антонио Конте со Челси триумфира во Премиер-лигата и во ФА-купот користејќи ја 3-4-3 формацијата, со Диего Коста во нападот, поддржан од двајца напаѓачи. Таква игра форсираше и Маурицио Почетино во Тотенхем и во Саутемптон. Тој стартната формација 4-3-3 честопати ја претвораше во напаѓачка формација 3-4-3. И Томас Тухел користи 3-4-3 во Челси, во која крилните бекови туркаат напред и комбинираат со двете „десетки“.
Како предност на формацијата 3-4-3 се смета тоа што обезбедува добра рамнотежа помеѓу нападот и одбраната. Петмина играчи повеќе се посветени на нападот, а другите петмина се фокусираат на одбраната. За недостиг се смета тоа што на противниците им се остава поширок простор за контранапади оти задната линија покрива помалку простор. Средниот ред, пак, може да биде преоптоварен и ранлив при дефанзивната транзиција.

Л.Д.

(продолжува)