Ниту еден фудбалер не добил двапати исто индивидуално признание, но Роналдо и Марадона, покрај „златната топка“, имаат и сребрени и бронзени такви признанија од светските првенства, само Милер бил и најдобар стрелец и најдобар млад фудбалер на мундијалите, единствено Кан бил и најдобар голман и ја добил „златната топка“ за најдобар фудбалер на едно СП, „златна топка“ и „златна копачка“ на светските првенства досега освоиле само Роси, Скилачи и Роналдо…
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 22-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР (5)
Петте награди што ги доделува Светската фудбалска федерација (ФИФА), по светските првенства, се меѓу престижните признанија во светот на фудбалот. Така, за учесниците на мундијалите предвидени се „златната топка“ за најдобар фудбалер, награда за првпат доделена во 1982 година, „златна копачка“ за најдобар стрелец, првпат доделена во 1982 година, „златната ракавица“ за најдобар голман, првпат доделена во 1994 година, наградата за најдобар млад фудбалер до 21 година, првпат доделена во 2006 година, и трофејот за ферплеј, првпат доделен во 1970 година. Ниту еден фудбалер не добил двапати исто индивидуално признание, но некои од нив имаат по две награди во различни категории.
ЗЛАТНА ТОПКА: Признанието за најдобар фудбалер досега е доделено 10 пати, а од тоа само трипати за фудбалерот што на соодветното светско првенство станал и светски првак со својата репрезентација. Тоа се Паоло Роси (Италија) на Мундијалот во 1982 година, Диего Марадона (Аргентина) на Светското првенство во 1986 година и Ромарио (Бразил) на планетарниот шампионат во 1994 година.
Другите освојувачи на наградата за најдобар фудбалер на еден мундијал се Салваторе Скилачи (третопласиран со Италија на СП 1990, но и најдобар стрелец на првенството), Роналдо (финалист со Бразил на СП 1998), Оливер Кан (финалист со Германија а СП 2002 и единствен голман со ваква награда), Зинедин Зидан (финалист со Франција на СП 2006), Диего Форлан (четвртопласиран со Уругвај на СП 2010), Лионел Меси (финалист со Аргентина на СП во 2014 година) и Лука Модриќ (финалист со Хрватска на СП 2018).
Светската фудбалска федерација (ФИФА) доделува и „сребрена“ и „бронзена топка“, а од тие што ја освоиле „златната“, „сребрена“ има Бразилецот Роналдо (на СП 2002), а „бронзена“ освои Аргентинецот Марадона (на СП 1990).
ЗЛАТНА КОПАЧКА: За оваа награда единствено мерило се головите, а ако има израмнет резултат, предност му се дава на фудбалерот со повеќе асистенции. До СП 1978 немаше таква награда, но најдобри стрелци беа Гијермо Стабиле (осум гола, Аргентина, СП 1930); Олдрих Неједли (пет гола, Чехословачка, СП 1934), Леонидас (седум, Бразил, СП 1938), Адемир (осум, Бразил, СП 1950), Шандор Кочиш (11, Унгарија, СП 1954), Жист Фонтен (13, Франција, СП 1958, рекордер и денес), Флориан Алберт (Унгарија), Валентин Иванов (СССР), Гаринча, Вава (Бразил), Дражан Јерковиќ (Југославија), Леонел Санчес (Чиле), сите со по четири гола (СП 1962), Еузебио (девет, Португалија, СП 1966), Герд Милер (10, Германија, СП 1970), Гжегож Лато (седум, Полска, СП 1974) и Марио Кемпес (шест, Аргентина, СП 1978). Потоа признанија добиваа Роси (шест, Италија, СП 1982), Гари Линекер (шест, Англија, СП 1986), Скилачи (шест, Италија, СП 1990), Олег Саленко (СССР) и Христо Стоичков (Бугарија) со по шест гола (СП 1994), Давор Шукер (шест, Хрватска, СП 1998), Роналдо (осум, Бразил, СП 2002), Мирослав Клосе (пет, Германија, СП 2006), Томас Милер (пет, Германија, СП 2010), Хамес Родригес (шест, Колумбија, СП 2014) и Хари Кејн (шест, Англија, СП 2018).
Ниту еден фудбалер не ја освоил наградата двапати, но, на пример, „златна топка“ и „златна копачка“ на светските првенства досега освоиле само Роси, Скилачи и Роналдо, но само Роналдо на различни планетарни шампионати („златната топка“ на Мундијалот во 1998 година, а „златната копачка“ на Светското првенство во 2002 година).
До почетокот на 22-то Светско првенство во фудбал во Катар, „Нова Македонија“ ви претставува некои од најзначајните моменти од минатите изданија на најпопуларниот спортски настан во светот
ЗЛАТНА РАКАВИЦА: И ова признание ниту еден не го добил двапати, а освојувачи на наградата за најдобар голман на едно светско првенство се Мишел Прудом (Белгија, на СП во 1994 година), Фабиен Бартез (Франција, СП 1998), Оливер Канс (Германија, СП 2002), Џанлуиџи Буфон (Италија, СП 2006), Икер Касилјас (Шпанија, СП 2010), Мануел Ноер (Германија, СП 2014) и Тибо Куртоа (Белгија, СП 2018).
Од нив, само Кан во својата колекција има и „златна топка“ за најдобар фудбалер на еден мундијал и „златна ракавица“ за најдобар голман, двете на Светското првенство во 2002 година.
Немало официјални награди за голманите за претходните фудбалски мундијали, но на некои од нив ѕвезди биле некои од легендите меѓу голманите, како Дино Ѕоф, Гордон Бенкс, Рикардо Замора, Франтишек Планичка, Сеп Маер…
НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР МЛАД ФУДБАЛЕР: Досегашни добитници на најмладата награда се Лукас Подолски (Германија, СП 2006), Томас Милер (Германија, СП 2010), Пол Погба (Франција, СП 2014) и Килијан Мбапе (Франција, СП 2018). Од нив само Милер има и ваква награда и „златна копачка“.
ФЕРПЛЕЈ: Бразил четири пати ја добил наградата за ферплеј на фудбалските мундијали (на СП 1982, 1986, 1994 и 2006, на делба со Шпанија), а Шпанија трипати (СП 2006, 2010 и 2018). Англија (1990 и 1998, делба со Франција) двапати го освои ова признание, а по еднаш биле наградени Перу (1970), Германија (1974), Аргентина (1978), Франција (1998), Белгија (2002) и Колумбија (2014).
ФУДБАЛЕР НА МЕЧОТ: Според некоја статистика, Арјен Робен (Холандија), Лионел Меси (Аргентина) и Кристијано Роналдо (Португалија) досега најмногу пати, по шест, биле прогласувани за најдобри фудбалери на одреден меч.
НЕКОИ РЕКОРДИ: Од другите достигнувања без награди, рекордери во соодветни индивидуални категории се, на пример, Пеле (од Бразил, најмногу титули, три, најмлад стрелец на хет-трик…), Мирослав Клосе (единствен со сите три медали, злато на СП 2014, сребро на СП 2002 и бронзи на СП 2006 и СП 2010 и најдобар стрелец на светските шампионати со вкупно 16 гола), Лотар Матеус (Германија, најмногу настапи на СП, 25 меча), Жист Фонтен (Франција, најмногу голови на едно СП, 13, во 1958 година), Питер Шилтон (Англија, најмногу мечеви без примен гол, 10), Хелмут Шен (Германија, најмногу мечеви како селектор, 25 и најмногу победи, 16), Виторио Поцо (Италија, единствен со две титули како селектор), Дино Ѕоф (Италија, највозрасен фудбалер во финале, 40 години, на СП 1982), Геоф Харст (Англија, најмногу голови во финале, три во 1966 година)…