Најголеми пресврти во Лигата на шампионите

Во само неколку наврати во ЛШ гостинскиот тим ја надмина негативата од првиот натпревар, два од овие дуела се добиени со правилото за повеќе голови на гости, нешто што веќе не е можно по укинувањето на тоа правило од сезоната 2021/2022, а домашните тимови во реваншот правеа пресврт во многу повеќе наврати, еднаш од четири гола и трипати со негатива од три гола од првата средба, пишува УЕФА

ФУДБАЛ

Ливерпул, ПСЖ, Ајнтрахт и Клуб Бриж загубија на домашен терен во првите натпревари од осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), но дали се загубени сите шанси за пласман понатаму, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во само неколку наврати во Лигата на шампионите гостинскиот тим ја надмина негативата од првиот натпревар, два од овие дуела се добиени со правилото за предност на тимот со повеќе постигнати голови на гости при вкупен нерешен резултат, нешто што веќе не е можно по укинувањето на тоа правило од сезоната 2021/2022, пишува УЕФА. Домашните тимови, пак, во реваншите правеа пресврт во многу повеќе наврати, но само еднаш од четири гола дефицит и трипати со негатива од три гола од првата средба. УЕФА направи преглед на најдобрите пресврти во нокаут-фазата на Лигата на шампионите.

ГОСТИНСКИ ТИМ

– Дефицит од два гола: Манчестер јунајтед – ПСЖ 0-2, ПСЖ – Манчестер јунајтед 1-3, осминафинале, сезона 2018/2019. Пред сезоната 2018/2019 само шест пати во Купот на европските шампиони имало тим што го загубил првиот натпревар на домашен терен и поминал понатаму, а откако Милан го направи тоа на мечевите со Сарбрикен во воведното коло на инаугуративното издание во сезоната 1955/56, подвигот не беше повторен 13 години. Седмиот таков настан беше на Ајакс, кој победи со 4-1 кај Реал Мадрид на 5 март 2019 година, откако загуби дома со 1-2, а осмиот се случи следната ноќ, пишува УЕФА. Сезоната на Манчестер јунајтед се чинеше завршена по нивниот прв европски пораз дома со два гола разлика. И по двата гола на Ромелу Лукаку во реваншот ПСЖ ја имаше вкупната предност, кога беше проценето дека Преснел Кимпембе играл со рака во шеснаесетникот и Маркус Рашфорд го реализира пеналот, пишува УЕФА. Оле Гунар Солскјер, чија тогашна улога како привремен тренер на Манчестер јунајтед набрзо стана постојана, рече: „Секогаш верувавме. Го поставивме нашиот план, а тоа не беше да ја задржиме топката. Планот беше да го постигнеме првиот гол и да бидеме во игра во последните пет или десет минути, и ние бевме“.
– Дефицит од еден гол: Тотенхем – Ајакс 0-1 и Ајакс- Тотенхем 2-3, полуфинале, сезона 2018/2019, потоа Интер- Баерн 0-1 и Баерн – Интер 2-3, осминафинале 2010/2011, како и Ајакс – Панатинаикос 0-1 и Панатинаикос – Ајакс 0-3, полуфинале 1995/96.

ДОМАШЕН ТИМ

– Дефицит од четири гола: ПСЖ – Барселона 4-0 и Барселона – ПСЖ 6-1, осминафинале, 2016/2017. Во сезоната 2016/2017, Барселона стана првиот тим што се вратил од четири гола негатива и се пласирал понатаму во Лигата на шампионите, а тоа беше само четврти пат да се направи во кое било клупско натпреварување на Европската фудбалска унија, подвиг толку посебен што на натпреварот му беше дадено име: Ла Ремонтада (Враќањето). Серхи Роберто погоди во дополнителното време за да го реши натпреварот. „Му реков: Влези во шеснаесетникот! Ќе постигнеш гол!“, се сеќава Нејмар, кој подоцна му се приклучи на ПСЖ. Роберто додаде: „Не знаев дали сонувам. Никогаш не сум слушнал таква врева“, пишува УЕФА.
– Дефицит од три гола: Барселона – Ливерпул 3-0 и Ливерпул – Барселона 4-0, полуфинале 2018/2019. Стадионот „Енфилд“ беше сведок на неколку убави европски вечери, но малку можат да се мерат со овој сензационален натпревар. Барселона победи со 3-0 во првиот дуел (два гола на Лионел Меси, вториот од брилијантен слободен удар беше неговиот 600-ти гол за Барселона). Ливерпул беше ослабен во реваншот, недостигаа Мохамед Салах и Роберто Фирмино, но раниот гол на Дивок Ориги им даде надеж, пишува УЕФА. Белгиецот подоцна го заокружи триумфот по двата гола на Џорџинио Вајналдум. „Вербата во соблекувалната е неверојатна. Знаевме дека можеме да направиме нешто“, изјави капитенот Џордан Хендерсон.
– Дефицит од три гола: Барселона – Рома 4-1 и Рома – Барселона 3-0, четврт-финале, сезона 2017/2018. Един Џеко ја пренесе големината на достигнувањето на Рома откако неговиот гол во шестата минута го предизвика пресвртот, велејќи: „Не можете да замислите, мислам дека беше неверојатно, лудо, не знам како да го опишам тоа. Го направивме тоа кога дефинитивно никој не веруваше во нас“, пренесе УЕФА. По поразот со 1-4 во Каталонија, голот на Џеко и пеналот на Даниеле де Роси ја поставија сцената за победничкиот гол со глава на Костас Манолас во 82. минута.
– Дефицит од три гола: Милан – Ла Коруња 4-1 и Ла Коруња – Милан 4-0, четврт-финале, 2003/2004. „Чуда често се случуваат, работи што не може рационално да ги очекувате“, изјави тренерот на Ла Коруња, Хавиер Ирурета, пред реваншот, откако шпанската екипа беше поразена и покрај тоа што го постигна првиот гол на стадионот „Сан Сиро“. Неверојатно, сепак, неговите избраници водеа по првото полувреме во реваншот, со головите на Валтер Пандиани, Хуан Карлос Валерон и Алберт Луке, пред резервниот фудбалер Фран Гонзалес да го постигне четвртиот гол.
– Дефицит од два гола: Атлетико Мадрид – Јувентус 2-0 и Јувентус – Атлетико Мадрид 3-0, осминафинале, сезона 2018/2019, Волфсбург – Реал Мадрид 2-0 и Реал Мадрид – Волфсбург 3-0, четврт-финале, 2015/2016, Порто – Баерн 3-1 и Баерн – Порто 6-1, четврт-финале 2014/15, ПСЖ – Челси 3-1 и Челси – ПСЖ 2-0, четврт-финале 2013/14, Олимпијакос – Манчестер јунајтед 2-0 и Манчестер јунајтед – Олимпијакос 3-0, осминафинале 2013/14, Милан – Барселона 2-0 и Барселона – Милан 4-0, осминафинале 2012/13, Наполи – Челси 3-1 и Челси – Наполи 4-1, осминафинале 2011/2012, Реал Мадрид – Монако 4-2 и Монако – Реал Мадрид 3-1, четврт-финале 2003/2004, Челси – Барселона 3-1 и Барселона – Челси 5-1, четврт-финале 1999/2000. Н.М.


ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

УТРЕ
Челси – Борусија Д. (0-1)
Бенфика – Клуб Бриж (2-0)
СРЕДА
Баерн – ПСЖ (1-0)
Тотенхем – Милан (0-1)
14 МАРТ
Порто – Интер (0-1)
Манчестер с. – Лајпциг (1-1)
15 МАРТ
Наполи – Ајнтрахт (2-0)
Реал М. – Ливерпул (5-2)
во заградите се резултатите од првите мечеви