Фото: „Нова Македонија“

На листата за сезоната 2022/2023, прв е Реал Мадрид со приход од 831 милион евра. Најдобрите 20 клуба имале рекордни комерцијални и приходи од денот на натпреварите

ФУДБАЛ – АНАЛИЗА НА „ДЕЛОИТ“ ЗА СЕЗОНАТА 2022/2023

Реал Мадрид првпат по сезоната 2017/2018 стана фудбалски клуб со најголем приход, според анализата на „Делоит“ за сезоната 2022/2023, во која приходите за најдобрите 20 клуба се зголемиле за 14 отсто, за рекордни 10,5 милијарди евра, а тоа вклучува рекордни комерцијални и приходи од денот на натпреварите од 4,4 милијарди, односно 1,9 милијарда евра, пишува „Би-би-си“. Реал Мадрид генерира рекорден приход од 831 милион евра. Манчестер сити е на второто место со приход од 826 милиони евра.
Комерцијалните приходи ги надминаа приходите од преноси како најголем прилив на приходи првпат од сезоната 2015/2016, со исклучок на сезоната 2019/2020 погодена од пандемијата на ковид-19, при што 17 од 20-те најдобри клуба пријавија пораст од година на година. Во просек, 20-те клуба имале просечен приход од над 500 милиони евра.
Тоа во голема мера се должи на продажбата на мало, настаните што не се на денот на натпреварите, како што се концертите и обновувањето на приходот од спонзорството, кои беа погодени од пандемијата, што сугерира дека клубовите истражуваат алтернативни извори на приходи за да станат помалку зависни од зделките за преноси, пишува „Би-би-си“. Приходите од преноси се зголемија за пет отсто, на 4,2 милијарди евра. Н.М.