Во финалето во 1981 година, Ливерпул го победи Реал Мадрид со 1-0, а во 2018 година Реал Мадрид славеше на мечот со Ливерпул, со 3-1. Ливерпул е најуспешниот англиски клуб, со шест европски трофеи, а Реал Мадрид е вкупно најтрофејниот, со 13 пехари за континентален шампион
ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ
Ливерпул (Англија) и Реал Мадрид (Шпанија) денеска (од 21 часот) ќе се сретнат во финалето на Лигата на шампионите, на стадионот „Стад де Франс“ во Париз, во вкупно 67-то издание на натпреварувањето за европската фудбалска титула. Ливерпул е најуспешниот англиски клуб, со шест европски трофеи (од девет финалиња), а Реал Мадрид е вкупно најтрофејниот, со 13 пехари за континентален шампион (од 16 финалиња).
Двата тима третпат ќе играат меѓу себе во мечот за европската титула и тоа е најчесто повторуваното финале. Во првата средба, во 1981 година, Ливерпул го победи Реал Мадрид со 1-0, во Париз (тогаш на стадионот „Парк на принцовите“), а во 2018 година, во Киев, Реал Мадрид победи со 3-1. Вкупно десетти пат ќе има реприза во финале за европската фудбалска титула. Реал Мадрид повеќе од еднаш во финале играл со Ремс, Атлетико и со Јувентус (во трите случаја по две победи за Реал), а Ливерпул учествувал во репризно финале со Милан (по една победа и пораз).
За тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, тоа ќе биде трето финале во ЛШ (претходно со Борусија Дортмунд, во 2013 година) и има една титула (со Ливерпул во 2019 година).
– Извонредно, масивно. Се чувствува како прво, бидејќи секогаш е толку посебно – вели Клоп, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Карло Анчелоти, пак, ќе биде првиот тренер со пет финалиња во ЛШ и ќе се обиде да стане првиот тренер со четири титули, откако претходно две освои со Милан (во 2003 и во 2007 година) и една со Реал Мадрид (2014-та). По три титули имаат и Зинедин Зидан (2016, 2017 и 2018 година, сите со Реал Мадрид) и Боб Пејсли (1977, 1978 и 1981 година, сите со Ливерпул).
– Се случи нешто чудно. Од почетокот на сезоната игравме со многу силни тимови што веруваа дека ќе ја освојат Лигата на шампионите. Заслугата оди кај играчите и нашите навивачи, кои притискаа, притискаа и притискаа. Дресот носи тежина, гордоста на клубот. За мене, финалето со Ливерпул е како дерби, бидејќи продолжувам да бидам евертонец – вели Анчелоти, пренесе УЕФА.
Карим Бензема, Лука Модриќ, Дани Карвахал, Иско и Марсело (сите од Реал Мадрид), пак, имаат шанса да се израмнат со Кристијано Роналдо со по пет титули во ЛШ. Рекордер е Франциско Генто (Реал Мадрид) со шест трофеи, а по пет имаат и Паоло Малдини (Милан), Алфредо ди Стефано и Хозе Марија Зарага (двајцата со Реал Мадрид).
На стадионот „Стад де Франс“ (капацитет од над 80.000 места) се одиграни уште две финалиња во ЛШ, и тоа во 2000 година (Реал Мадрид – Валенсија 3-0) и во 2006 година (Барселона – Арсенал 2-1). На тој стадион се играни и финалињата на Светското првенство во 1998 година (Франција – Бразил 3-0) и на Европското првенство во 2016 година (Португалија – Франција 1-0).
По две сезони погодени од пандемијата на коронавирусот, финалето на ЛШ во Париз ќе се игра пред полни трибини (во 2020 во Лисабон се играше без публика, а лани со ограничен капацитет, во Порто, каде што присуствуваа околу 14.000 гледачи).
КЛУБОВИ СО НАЈМНОГУ ТИТУЛИ
Реал Мадрид 13
Милан 7
Ливерпул 6
Баерн 6
Барселона 5
Ајакс 4