Повеќе од 100 претставници во Европскиот парламент преку писмо го повикаа денеска претседател на УЕФА, Александар Чеферин, да ја исклучи Белорусија од квалификациите за Европското првенство во 2024 година кои почнуваат идната недела.
Барањето е мотивирано од белоруската поддршка на војната што се води против Украина, поради која УЕФА претходно ги исклучи руските репрезентации и клубови од сите европски натпреварувања.
Белорусија во квалификациите за ЕП 2024 е во група со Швајцарија, Израел, Романија, Косово и Андора.
Поради вмешаност во Украина, со одлука на УЕФА, своите домашни натпревари Белорусија мора да ги игра на неутрален терен без присуство на публика и на воведниот натпревар на 25 март против Швајцарија, најверојатно ќе биде домаќин во Србија.
Европарламентарците во писмото до Чеферин посочуваат дека актуелните мерки против Фудбалската федерација на Белорусија се неадекватни, имајќи го предвид ставот на белорускиот државен врв кон случувањата во Украина.