Фото: Игор Бансколиев

Мораме да ја одржуваме играта едноставна и да видиме дали има начини за подобрување на правичноста, здравјето на играчите и привлечноста на играта за да избегнеме оттргнување на луѓето од фудбалот, вели Лукас Бруд, секретарот на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ)

МОЖНИ ИЗМЕНИ НА ПРАВИЛАТА

Не треба да ги затвораме очите и да веруваме дека фудбалскиот успех ќе остане таков каков што е. Мораме да го следиме и да видиме дали има начини за подобрување на правичноста, здравјето на играчите и на привлечноста на играта за да избегнеме оттргнување на луѓето од фудбалот, вели Лукас Бруд, секретарот на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ).
Бруд вели дека едноставноста на фудбалот е причина за неговиот успех низ светот, меѓутоа тој нема илузии дека играта треба да продолжи да се развива, инсистирајќи дека законодавците на фудбалот ќе продолжат да бараат начини за подобрување и за развој на фудбалот. Основан во 1886 година, ИФАБ е светско тело со единствена одговорност за развивање и зачувување на правилата на играта, со цел да се подобри и развие фудбалот за играчите, официјалните лица на натпреварите и за гледачите, притоа заштитувајќи ги и зајакнувајќи ги духот и едноставноста на фудбалот.

ИФАБ САКА ДА СЕ СПРАВИ СО ОДНЕСУВАЊЕТО НА ИГРАЧИТЕ

Зборувајќи ексклузивно за „Скај спорт“, како дел од серијата „Иднина на фудбалот“, Бруд објаснува што е на агендата на ИФАБ.
– Една од главните теми што ги разгледуваме во моментов е подобреното однесување на учесниците на и околу теренот. Сакаме да најдеме начин да го подобриме однесувањето на сите учесници. Треба да најдеме начин да се погрижиме да има доволно судии, да се почитуваат и да можат да работат правилно на теренот. Друга област е технологијата. Како што видовме во текот на претходната деценија околу технологијата за гол-линијата, ВАР и полуавтоматизираната офсајд-технологија, сигурен сум дека ќе видиме повеќе од тоа што ќе влезе во фудбалот, особено кога станува збор за подобрување на правичноста. Третата област што ја разгледуваме е здравјето на играчите. Тестирањето замена при потрес на мозокот моментно го водиме во Англија, а САД дополнително спроведуваат тестирање каде што се забранува играње со глава во категоријата до 12 години. Бараме начини како да го подобриме управувањето со повредите и невидливите повреди како што е потрес на мозокот преку правилата на играта. Ние не сме медицински луѓе, но мораме да го заштитиме медицинскиот персонал и особено играчите за да бидат третирани правилно и соодветно да бидат проценети за да се справиме со тоа – вели Бруд.
Однесувањето на играчите беше тема во текот на минатата сезона, кога 15 од 20 клуба од Премиер-лигата беа казнети барем еднаш затоа што не ги контролирале своите играчи. Во 2019 година, Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија објави дека привремените временски казни ќе бидат воведени на сите нивоа на младински фудбал од почетокот на сезоната 2019/2020 како дополнителна казна за однесувањето на играчите кон судијата. Дали ова може да биде нешто што го гледаме на највисоко ниво на играта?
– Има голем број идеи во врска со однесувањето на играчите. Временската казна е, секако, една од нив. Ќе создадеме работна група во ИФАБ, со различни чинители во играта, за да видиме какви идеи би можеле да се воведат или барем да се испробаат. Привремената казна е секако една од нив, бидејќи веќе се применува на некои пониски нивоа – рече Бруд.

МУНДИЈАЛСКИ ПРИСТАП КОН ЗАДРЖУВАЊЕТО ВРЕМЕ?

Задржувањето време беше, исто така, многу актуелна тема лани, особено по примерот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за време на Светското првенство (СП) во Катар. Просечното време на играње во Премиер-лигата лани беше 54 минути и 46 секунди, што е најниско досега во 11-те сезони од почетокот на бележењето на оваа категорија во сезоната 2012/2013. Тоа е за 22 секунди помалку од претходната сезона и за една минута и 57 секунди од врвот од 56 минути и 43 секунди во 2013/2014. Дополнителните замени и ВАР придонесоа за ова, но дали сегашниот просек од осум минути прекини по натпревар во Премиер-лигата, кој, исто така, е на највисоко ниво на сите времиња, е доволен? Доволно дополнително време се смета за начин да се реши овој проблем, а не како порадикална опција за застанување на часовникот при секој прекин.
– Веќе разгледавме голем број работи од 2017 и 2018 година. Сакаме да постигнеме една работа, а тоа е да се погрижиме времето да биде фер распределено. Се разбира, постојат идеи да се осигуриме дека има доволно дополнително време додадено на крајот од натпреварот, како што видовме на претходните две СП или многу радикално запирање на часовникот секогаш кога топката е надвор од игра. Барем засега, дојдовме до заклучок дека има повеќе смисла навистина да се погледне загубеното време и да се додаде на крајот на мечот. Иако може да биде невообичаено за гледачите да видат многу додадено време, она што го видовме на претходните две СП е дека тоа е всушност најдоброто решение, бидејќи не бара промена на правилата – вели тој.

„НИКОГАШ НЕ ОТФРЛАМЕ ИДЕЈА“

Како дел од серијата „Иднината на фудбалот“, „Скајспорт“ неодамна приреди фудбалски натпревар во кој има мноштво нови правила, вклучувајќи и временски казни за играчите, поголеми голови, играње со фудбалер повеќе, каде што тимот може да исфрли противнички играч по свој избор за одреден временски период во натпреварот и голови што се сметаат како два по удари надвор од шеснаесетникот. Бруд беше импресиониран од некои од иновациите што беа имплементирани.
– Добиваме идеи и темелно ги разгледуваме работите што ни се поставени. Онаму каде што има проблем, каде што гледаме дека има предизвик со кој треба да се соочиме за да ја подобриме играта, без разлика дали тоа се праведноста, привлечноста или здравјето на играчите, мораме да го разгледаме. Никогаш не отфрламе идеја веднаш. Секогаш ја проверуваме според она што е веќе во правилата и дали тие потенцијално би можеле да се подобрат во таа област или дали постои одредено толкување што може да се примени или дали може да се внесе одредено дополнување, за да ја прифатиме и таа идеја – вели тој.
Јасно е дека ИФАБ е отворен за нови идеи и нивно спроведување доколку се соодветни за фудбалот. Тој е, исто така, отворен за нови формати на игра доколку има промена за која фудбалот смета дека му е потребна, но, и покрај тоа, целта во голема мера останува иста, бидејќи се обидува да го задржи фудбалот како успешна игра.
На прашањето за иднината на фудбалот, а особено каде можат да одат правилата на играта, Бруд рече: „Треба внимателно да следиме. Не треба да ги затвораме очите и да веруваме дека успехот на фудбалот ќе остане таков каков што е. Мораме да следиме и да видиме дали има начини за подобрување на правичноста, здравјето на играчите и привлечноста на играта за да избегнеме луѓето да се одвратат од фудбалот. Ова е нешто што ИФАБ внимателно го разгледува низ целиот свет. Се разбира, не го следиме секој меч, но гледаме случувања со кои се обидуваме да се справиме и кога станува збор за иднината на играта, едноставноста на фудбалот е неговиот успех. Мораме да ја одржуваме играта едноставна, но онаму каде што треба да гледаме е да ја подобриме правичноста, а ВАР е добар пример. Но, на крајот, треба да ја одржиме фудбалската игра каква што е колку што е можно повеќе, а ако има начини да ја подобриме или ако се потребни различни формати за да биде успешна и интересна, тогаш сигурен сум дека фудбалот, а ние сме слуги на фудбалот, ќе сакаме нешто поинакво. Ние како ИФАБ, заедно со ФИФА, британските асоцијации и сите други засегнати страни во светот, ќе се погрижиме да најдеме решенија за тоа“. Н.М.


Дали ИФАБ бара идеи во други спортови?

Временска казна за фудбалерите очигледно е нешто што се користи во други спортови, а исто така и ВАР. Многу сум заинтересиран за кошарката и гледам одредени работи што се случуваат. Не е дека можам само да ги внесам во фудбалската игра, но, секако, секој што е дел од процесот на донесување одлуки во ИФАБ гледа во други спортови. Доколку има идеи и формати што би биле интересни да се истражуваат за фудбалот, тогаш би сакале. Сепак, фудбалот е сосема поинаква игра. Рагбито не може да се споредува со фудбалот. Американскиот фудбал не може да се спореди со фудбалот. Тоа е поинаква игра кога станува збор за прекини, текот на играта и на крајот успехот на фудбалот е бидејќи е толку едноставен. Другите спортови понекогаш гледаат што можат да подобрат за да се натпреваруваат со фудбалот. Но постојат области на игра, а има и региони во светот што се заинтересирани да испробуваат различни формати, бидејќи фудбалот не е број еден во нивниот регион и тие сакаат да ја подобрат атрактивноста на фудбалот во нивната земја. Но мислам дека едноставноста на фудбалот е она што го прави толку успешен и мислам дека нема да видиме многу промени во форматот. Подобрување на играта, да. Подобрување на правичноста на играта, да. Подобрување на здравјето на играчите, да. Но формати? Се сомневам дека ќе има многу промени, рече Лукас Бруд, секретарот на Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ), телото задолжено за одредување на правилата на игра.