Истражувањето на „Еуромерика спорт маркетинг“ покажа дека Баерн лани продал 3.250.000 дреса, а само уште Реал Мадрид успеал да ја надмине бројката од 3.000.000 продадени дресови

ФУДБАЛ – ТОП 10 НАЈПРОДАВАНИ ДРЕСОВИ ВО 2021 ГОДИНА

Најголемите европски фудбалски клубови заработуваат големи суми пари од продавање на своите дресови. Истражувањето на „Еуромерика спорт маркетинг“, која е и сертифициран партнер на ФИФА, изнесе еден можеби малку изненадувачки податок, а тоа е дека дресот на Баерн Минхен бил најпродаван во 2021 година. Бундеслигашот секако дека е мошне популарен во светот, има многу свои навивачи, но изненадува тоа што Баварците на оваа листа се пред Реал Мадрид, Барселона, Манчестер јунајтед, Ливерпул…
Истражувањето на споменатата агенција покажа дека Баерн во 2021 година продал 3.250.000 дреса. Само уште еден клуб успеал да ја надмине бројката од 3.000.000 продадени дресови, а тоа е најтрофејниот клуб во светот, Реал Мадрид (3.050.000). Следен е Ливерпул (2.450.000), додека другите не ја надминуваат бројката од 2.000.000.
Така, Манчестер јунајтед (1.950.000), кој важи за еден од најпопуларните клубови во светот, е четврти и покрај тоа што нема успех на домашната или меѓународната сцена во последните сезони. Јувентус е единствениот претставник на Италија со продадени 1.420.000 дреса и е на петтото место, додека Милан и Интер ги нема ни во првите 10. Следува Барселона (1.340.000), па актуелниот европски првак Челзи (1.310.000), додека осма е Борусија од Дортмунд (1.222.000). Деветти е ПСЖ (1.180.000), чија продажба на дресови секако се зголеми со доаѓањето на Лионел Меси, додека листата на првите 10 клуба, ја заокружува Манчестер Сити (1.087.000).