За смртта на 97 навивачи на Ливерпул и за над 700 повредени пред полуфиналниот натпревар од ФА-купот помеѓу Ливерпул и Нотингем форест најголема вина ѝ се припишува на полицијата, која направила многу грешки околу организацијата на мечот
ФУДБАЛ
На денешен ден пред 33 години во 1989 година, на стадионот „Хилсборо“, во Шефилд, во трагичен инцидент, најголем во спортската историја на Англија, пред полуфиналниот натпревар од ФА-купот помеѓу Ливерпул и Нотингем форест, настрадаа 97 навивачи на Ливерпул, а над 700 беа повредени.
За трагедијата најголемата вина ѝ се припишува на полицијата, која направила многу грешки околу организацијата на мечот и безбедноста на навивачите. Распродадениот натпревар требало да го следат повеќе од 53.000 навивачи на двата тима распоредени на различни страни и трибини на стадионот. Навивачите на Ливерпул на триесетина минути до почетокот на мечот тргнале кон својот дел на трибината, „Лепингс лејн“. Пред стадионот и при влегувањето настанала голема мешаница, се создало и тесно грло, а полицијата ја изгубила контролата врз толпата. Тогаш е направена една од фаталните грешки, била отворена една од вратите кон трибината, без полицијата да обезбеди каков-таков ред. Навалицата од навивачи почнала да ги притиска тие што биле внатре, кои биле набиени до оградата и буквално згмечени не успевале да се искачат преку оградата и да влезат на теренот.
Потоа во општата конфузија од 44-те амбуланти автомобили што пристигнале на помош само на еден му било дозволено да влезе на стадионот. Епилогот од таквата некоординираност е дека само 14 од 96-те фатално повредени лица биле пренесени во болница. Полицијата на Јужен Јоркшир потоа ги обвинила навивачите на Ливерпул дека самите се виновни за трагедијата, тврдејќи дека биле пијани, насилни и оти не соработувале.
По несреќата, британската влада формира комисија, која требаше да ги испита причините за несреќата. Во извештајот на лордот Тејлор од 1990 година се наведува дека причината за трагедијата е лошата полициска контрола. Но следната година било одлучено дека нема доволно докази за да се започне истрага против надлежните полициски службеници. Во 2016 година истрагата ќе ги отфрли обвинувањата и ќе ги ослободи навивачите од вина, откривајќи дека тие не се однесувале недолично и на начин што би предизвикал или што би придонел за опасната ситуација на трибината.
Катастрофата на „Хилсборо“ од корен го промени британскиот фудбал, односно ги увери властите за недостатоците на фудбалските стадиони. Покрај другите работи, било препорачано на поголемите стадиони во Британија сите места да бидат за седење, што било сторено до август 1994 година. Високите огради исто така исчезнаа.