Фото: ЕПА

Ова се истите фудбалери што играа со Италија и со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти, изјави селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата по мечот, пренесе ФФМ

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024, АНГЛИЈА – МАКЕДОНИЈА 7-0

Македонската репрезентација загуби со 0-7 (0-3) на гостувањето кај селекцијата на Англија во Манчестер, во квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство в година во Германија, што е највисок пораз досега. На стадионот „Олд трафорд“, пред полни трибини, три гола постигна Букајо Сака, двапати во листата на стрелците се запиша Хари Кејн (еден гол постигна од пенал), а по еден погодок постигнаа Маркус Рашфорд и Калвин Филипс.
– Сакам да ѝ се извинам на целата македонска нација за нашето издание што го прикажавме. Јас сум тренер на овој тим, јас ги избирам играчите и одговорноста е моја. Сакам да испратам мое извинување до целата нација и посебно извинување до сите навивачи, особено до оние што дојдоа да нѐ поддржат и во Манчестер. За жал, се случуваат и вакви работи во фудбалот. Ова се истите фудбалери што играа со Италија и со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Јас сум одговорен на прво место, јас ги избирам играчите и одредувам кој ќе игра. Игравме против најразиграниот тим во Европа, но потфрливме во сите наши замисли. Ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти – изјави селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата по мечот, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата интернет-страница.
Англија е прва во групата Ц, со максимални 12 бода од четири меча и вкупна гол-разлика 15-1. Втора е Украина со шест бода од три средби, Македонија (три одиграни натпревари) и Италија (две средби) имаат по три бода, а Малта (четири меча) е без освоен бод. На ЕП 2024 ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи. Во оваа група, Кејн со пет и Сака со четири гола се водечки стрелци. Сака (21) е најмладиот англиски фудбалер што постигнал три гола на еден меч по Тео Волкот на дуелот со Хрватска во септември 2008 година, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Квалификациите за континенталното првенство продолжуваат во септември, кога Македонија прво ја пречекува Италија, а потоа гостува кај Малта. Н.М.


ГРУПА Ц

Англија – Македонија 7-0
Украина – Малта 1-0

ТАБЕЛА
Англија 4 4 0 0 15-1 12
Украина 3 2 0 1 4-4 6
Италија 2 1 0 1 3-2 3
Македонија 3 1 0 2 4-11 3
Малта 4 0 0 4 1-9 0

Идно коло (9 септември): Македонија – Италија, Украина – Англија.