Миовски дебитира на официјален меч со по еден погодок и асистенција, а Чурлинов, кој лани беше на заем во Шалке, во дресот на Штутгарт на тест-меч со Валенсија (5-2) постигна еден гол и асистираше за два, за само 45 минути игра
ФУДБАЛ
Mакедонскиот фудбалски репрезентативец, напаѓачот Бојан Миовски (23), веднаш по пристигнувањето во шкотскиот Абердин, од МТК Будимпешта, на дебито против Рајт роверс (3-0) во Лига-купот, по само шест минути игра го постигна голот првенец, од пенал и имаше една асистенција. Менаџерот Џим Гудвин има само пофални зборови за него.
– Одушевен сум што е тука. Тој е на одлична возраст, има само 23 години, навистина е добар профил за напаѓач и е одличен финишер – рече тој.
Доаѓањето на Миовски во Абердин, со кој потпиша четиригодишен договор, беше одложено додека се чекаше на работната дозвола.
– Секој напаѓач сака да биде број еден и, секако, јас сакам да бидам тоа. Но прво треба да му помогнам на тимот да ги оствари своите цели, а знам дека Абердин сака да биде меѓу првите три. Ако јас постигнам многу голови, мислам дека клубот ќе ја достигне целта – изјави Миовски.
Уште еден млад македонски репрезентативец, Дарко Чурлинов (22), фудбалер на Штутгарт, блесна на подготвителен меч, против Валенсија (5-2) минатиот викенд, постигна еден гол и асистираше за два, за само 45 минути игра. Чурлинов во минатата сезона играше за Шалке на заем и ја освои шампионската титула во Втората лига на Германија. Чурлинов има договор со Штутгарт до 2024 година и се чини дека во новата сезона ќе добие повеќе шанса за играње во Бундес-лигата.
Благоја Милевски, селекторот на македонската репрезентација, која во септември ја чекаат мечевите во Лигата на нациите, ги следи настапите на репрезентативците во подготвителниот период.
– Добро е што Миовски и Чурлинов играат и постигнуваат голови и што се во тренажен процес. Освен нив, и уште неколкумина играчи се во потрага по нови клубови и ангажмани што значи дека не тренираат со полн интензитет. Што побрзо најдат нови средини ќе биде подобро за нив и за репрезентацијата, бидејќи набргу ќе почнат првенствата, календарот е преполн за есенва, ќе биде многу напорно – вели Милевски. Л.Д.