На моменти не сум задоволен од тактичката дисциплина и од физичката подготвеност на дел од нашите играчи, но тоа е резултат на проблемите што ги носат од клубовите, вели македонскиот стратег
Македонската сениорска фудбалска репрезентација предводена од селекторот Благоја Милевски загуби со 0-3 од силната селекција на Хрватска во пријателски меч, кој се одигра на стадионот „Рујевица“ во хрватскиот град Риека. Првиот погодок од одлично изведен слободан удар го постигна Ловро Мајер во 10-та минута, истиот играч зголеми на 2-0 во 45-та, додека третиот го реализираше Марко Пашалиќ во 79-та минута.
– Хрватска покажа дека во моментов е далеку подобра репрезентација од нас, иако и ние имавме неколку одлични моменти во првото полувреме, но, за жал, ако не ги реализираме со вакви селекции, следува казна. На моменти не сум задоволен од тактичката дисциплина и од физичката подготвеност на дел од нашите играчи, но тоа е резултат на проблемите што ги носат од клубовите. Ова беше одлична можност да видиме до каде сме и на што треба да работиме за во иднина да бидеме на повисоко ниво. Се надевам дека играчите ќе ги решат проблемите во своите клубови и со поголема минутажа ќе бидат поконкурентни во репрезентацијата. Одиме понатаму, имаме време до септември да ги отстраниме аномалиите – вели селекторот Милевски.
Македонија имаше неколку шанси за гол и во двете полувремиња, но не успеа да ги реализира, а Хрватска рутински го приведе мечот до крајот по сигурното водство. За Македонија на овој дуел играа: Димитриевски, Муслиу, Велковски (Димоски), Зајков, Алиоски, Елмас, Алими, Атанасов (Костадинов), Ашковски (Митровски), Трајковски (Чурлинов), Миовски (Ристовски), додека поради повреда не настапи Енис Барди. Боите на Хрватска пак, ги бранеа: Ливаковиќ, Соса, Вида, Ерлиќ (Понграчиќ), Јурановиќ, Мајер, Ковачиќ (Сучиќ), Батурин (Пашалиќ), Перишиќ (Пјаца), Крамари (Иванушец), Петковиќ (Будимир), предводени од селекторот Златко Далиќ.
– Добивме сѐ што сакавме, ги тестиравме играчите, победивме, иако секогаш може да биде подобро. Им благодариме на навивачите, а ние ќе продолжиме да работиме до уште поголемиот предизвик, а тоа е пријателскиот натпревар со Португалија – рече за тамошните медиуми селекторот на Хрватска, Далиќ.
Македонија ја очекува уште еден пријателски натпревар. На 10 јуни на гости во Храдец Кралове ќе ги одмери силите против селекцијата на Чешка. Г.И.