Сега има девет фудбалери што освоиле некои од најпосакуваните трофеи во светот на фудбалот (европски клупски првак, светски шампион со својата репрезентација и освојувач на престижната „златна топка“ за најдобар фудбалер во годината во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“). Од нив, четворица, меѓу нив и Меси, на оваа трофејна низа ја додале и континенталната титула со репрезентацијата и светска клупска круна, еден фудбалер има необична двојна клупска континентална круна, двајца биле успешни и како тренери или селектори…
ФУДБАЛ
Лионел Меси со освоената светска титула со Аргентина пред десетина дена го освои трофејот што му недостигаше во големата златна колекција и влезе во ексклузивен деветчлен клуб на трофејни фудбалери, во кој се, на пример, и Франц Бекенбауер, Герд Милер, Зинедин Зидан, Кака, Роналдињо, Ривалдо, Паоло Роси и Боби Чарлтон. Секој од нив во својата кариера бил европски клупски првак, светски шампион со својата репрезентација и ја освоил престижната награда „златна топка“ за најдобар фудбалер во годината, во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“. Од нив, Меси, Бекенбауер, Милер и Зидан ја додале и континенталната титула со репрезентацијата и светската клупска круна, Роналдињо има необична двојна клупска континентална титула, Бекенбауер и Зидан биле успешни и како тренери или селектори, Меси, Зидан, Чарлтон и Роси имаат и мундијалски „златни топки“, Роси и „златна копачка“…, сите заедно со вкупно шеесетина трофеи.
Меси пред светската титула со Аргентина победи и на Копа Америка лани, има четири триумфи во Лигата на шампионите и три на клупското светско првенство со Барселона и е добитник на рекордни седум „златни топки“ на „Франс фудбал“.
Германците Бекенбауер и Милер ги освоија петте признанија во период од шест години. Тие беа дел од репрезентацијата на Германија што ги освои европската титула во 1972 година и светската круна во 1974 година, како и од Баерн за три континентални клупски титули од 1974 до 1976 година. „Златната топка“ прво ја освои Милер, во 1970 година, а Бекенбауер славеше во 1972 година, но потоа и во 1976-та, кога двајцата со Баерн станаа и светски клупски прваци.
Дваесетина години подоцна, Зидан ја комплетира оваа необична златна низа, во период од четири години, со титулата со Франција на Светското првенство во 1998 година, кога ја доби и „златната топка“ на „Франс фудбал“, потоа со Франција славеше и на Европското првенство во 2000 година, а две години подоцна стигнаа и пехарите во Лигата на шампионите и на Светското клупско првенство, со Реал Мадрид.
Комбинација од пет големи пехари има и Бразилецот Роналдињо, а по четири неговите сонародници Кака и Ривалдо. Роналдињо беше дел од репрезентацијата на Бразил што ги освои Копа Америка во 1999 година и Светското првенство во 2002 година, пред да ја добие „златната топка“ во 2005 година како фудбалер на Барселона. Тој е единствен во овој неверојатно трофеен клуб на фудбалери што ги освои континенталните клупски титули и во Европа (во 2006 година со Барселона) и во Јужна Америка (во 2013 година со Атлетико Минеиро).
Кака на трофејот на Светското првенство во 2002 година, ги придодаде во 2007 година и тие во Лигата на шампионите, на клупскиот Мундијал со Реал Мадрид, како и „златната топка“. Од четирите свои трофеи Ривалдо, пак, два освои во 1999 година, „златната топка“ како член на Барселона и Копа Америка со Бразил, со кој ја освои и светската титула во 2002-та, а со Милан стана европски првак во 2003 година. Тој е единствен во оваа трофејна група фудбалери што „златната топка“ ја освоија со еден клуб, а клупската континентална титула со друг.
Англичанецот Чарлтон и Италијанецот Роси на титулите на светските шампионати и за европски клупски првак први додадоа и двојна „златна топка“, успех што подоцна го повторија Зидан и Меси. Чарлтон беше светски првак во 1966 година со Англија, на шампионатот на кој тој беше прогласен за најдобар фудбалер и ја доби „златната топка“. Трофејот со тоа име, но од „Франс фудбал“, Чарлтон го освои истата година, а европски првак со Манчестер јунајтед стана две години подоцна. Роси, пак, СП го освои со Италија во 1982 година, кога беше и најдобар играч („златна топка“), но и најдобар стрелец (единствен во оваа трофејна група фудбалери со „златна копачка“), истата година ја освои и „златната топка“ на „Франс фудбал“, а славеше европска клупска титула со Јувентус во 1985 година. Зидан беше најдобар фудбалер на СП 1998, а Меси на СП 2014 и на СП 2022.
Од овие девет трофејни фудбалери, како кормилари се истакнаа Бекенбауер, кој стана светски првак и како селектор, со Германија во 1990 година, и Зидан, кој беше тренер на Реал Мадрид при освојувањето на европските клупски титули во 2016, 2017 и во 2018 година.