Фото: ЕПА

Килијан Мбапе влезе во елитен клуб голгетери со најмалку три хет-трика во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) откако постигна три гола во победата на Реал Мадрид со 3-1 на дуелот со Манчестер сити дома, во реванш-мечот од плејофот за влез во осминафиналето сезонава.
Францускиот фудбалер сега има три хет-трика (претходно два за Пари сен Жермен) во ЛШ, колку што имаат и Филипо Инзаги (два за Јувентус, еден за Милан) Марио Гомез (Баерн), Луиз Адријано (Шахтер) и Нејмар (еден за Барселона, два за Пари сен Жермен), на листата на која води Кристијано Роналдо со осум (седум за Реал Мадрид и еден за Јувентус), пред Роберт Левандовски со шест (еден за Борусија Д., четири за Баерн и еден за Барселона) и Карим Бензема (Реал Мадрид), пишува Европската фудбалска унија. Мбапе е и 15-от фудбалер со постигнат хет-трик за најмалку два клуба. Прв на таа листа е Роберт Левандовски со таков ефект во три клуба (Борусија Д., Баерн и Барселона), а потоа се Кристијано Роналдо (Реал Мадрид и Јувентус), Филипо Инзаги (Јувентус и Милан), Марко Симоне (Милан и Монако), Рој Макај (Ла Коруња и Баерн), Руд ван Нистелрој (ПСВ Ајндховен и Манчестер јунајтед), Андриј Шевченко (Динамо Киев и Милан), Дидие Дрогба (Марсеј и Челси), Мајкл Овен (Ливерпул и Манчестер јунајтед), Самуел Ето (Барселона и Интер), Нејмар (Барселона и Пари сен Жермен), Оливие Жиру (Арсенал и Челси), Ерлинг Холанд (Салцбург и Манчестер сити) и Хари Кејн (Тотенхем и Баерн). Вкупно, 111 играчи постигнале хет-трик во ЛШ. Сезонава е рекордна, со вкупно 11 хет-трика. Н.М.