Фото: ЕПА

Челси прв ги комплетира сите клупски трофеи на УЕФА со триумфот во Конференциската лига, откако претходно славеше и во Лигата на шампионите, Лига Европа, Суперкупот и во некогашниот Куп на победниците на куповите

ФУДБАЛ

Англискиот Челси стана првиот клуб што ги освоил сите пет сениорски клупски натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА), по победата со 4-1 на дуелот со Реал Бетис од Шпанија во финалето на Конференциската лига во Вроцлав (Полска). Сините од Лондон сега имаат уникатна комбинација од континентални успеси, откако претходно ги освоија Лигата на шампионите, Лига Европа, Суперкупот и некогашниот Куп на победниците на куповите.
Во финалето Бетис водеше по првиот дел, но во второто полувреме Челси постигна четири гола.
– Приспособивме нешто тактичко на паузата и во второто полувреме бевме многу подобри. Многу сме среќни. Освојувањето на Конференциската лига може да биде почетна точка. За да изградите победнички менталитет треба да победувате во мечеви, да победувате во натпреварувања. Трофејот што го освоивме вечерва ќе нѐ направи подобри – рече тренерот на Челси, Енцо Мареска, пренесе УЕФА.
За најдобар фудбалер на финалето беше прогласен Кол Палмер, кој асистираше за првите два гола на Челси.
– Го зголемивме интензитетот и добро игравме во второто полувреме. Не сакав да ја добивам топката и само да одам наназад и настрана. За првата асистенција имаше малку простор и го видов Енцо како трча. За вториот, истото. Чувствувам дека повторно покажавме добар карактер за да се вратиме по негативата – рече Палмер, пренесе УЕФА.
Ајакс, Баерн, Јувентус и Манчестер јунајтед се единствените клубови освен Челси што ги освоиле Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите), Лига Европа (порано Куп на УЕФА), Суперкупот на Европа и некогашниот Купот на победниците на куповите, а Челси сега има вкупно девет освоени трофеи од клупските натпреварувања на УЕФА, со што е на осмото место на таа ранг-листа, зад Реал Мадрид (26 трофеи), Милан (17), Барселона (14), Ливерпул (13), Баерн (12), Јувентус (11) и Ајакс (10), пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ЕВРОПСКИТЕ ПЕХАРИ НА ЧЕЛСИ

КУП ГОДИНА
Лига на шампионите 2012, 2021
Лига Европа 2013, 2019
Куп на победниците на куповите 1971, 1998
Суперкуп 1998, 2021
Конференциска лига 2025

КЛУБОВИ СО ТРОФЕИ ВО НАЈМНОГУ КУПОВИ
КЛУБ ЛШ ЛЕ КПК КЛ СК
Челси 2 2 2 1 2
Ајакс 4 1 1 – 2
Баерн 6 1 1 – 2
Јувентус 2 3 1 – 2
Манчестер ј. 3 1 1 – 1
ЛШ – Лига на шампионите, ЛЕ – Лига Европа, КПК – Куп на победниците на куповите, КЛ – Конференциска лига, СК – Суперкуп