Според италијанските новински извори, оваа одлука стапува во сила веднаш, а името на новиот предводник на „аѕурите“ се очекува да биде познато во најскоро време

ФУДБАЛ

Фудбалската репрезентација на Италија во Скопје ќе дојде со нов селектор во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2024 година, пишуваат италијанските медиуми. На големо изненадување, досегашниот селектор Роберто Манчини неочекувано поднел оставка.
Според италијанските новински извори, оваа одлука стапува во сила веднаш, а името на новиот предводник на „аѕурите“ се очекува да биде познато во најскоро време.
Како што е познато, Манчини имаше договор со Фудбалската федерација на Италија до завршувањето на ЕП во 2024 година, но соработката престанува да важи десет месеци пред истекот на предвидениот договор.
Манчини често беше цел на критики од јавноста по огромниот неуспех, односно кога четирикратниот светски првак загуби од репрезентацијата на Македонија во баражот за Светското првенство (СП) во Катар, а потоа следуваа уште неколку не многу уверливи резултати, што секако имаат голем удел за последниот негов потег.
Сепак, Манчини ќе остане запаметен во фудбалската историја и како селектор што на Италија ѝ ја донесе европската титула од последното ЕП, каде што за првпат во својата историја учествуваше и репрезентацијата на Македонија. Г.И.