Душко Поповски, првиот претседател на судиската фудбалска организација

Фудбалските судии од Македонија беа респектирани како пред Втората светска војна, така и потоа. Душко Поповски е основоположник на судиската организација, која беше формирана во 1927 година. До распадот на поранешната држава, Македонија имаше седум меѓународни судии, а до конечното разединување од Југославија на меѓународната листа се најдоа уште двајца судии

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (278)

Може да се каже дека судиската организација е најтенкото ткиво во составот на фудбалските федерации. Ова е разбирливо зашто од делителите на правдата или, поточно кажано, од нивните ненамерни или намерни грешки честопати зависел и конечниот исход на некој натпревар. Судиите, кои од првата до последната минута ја имаат играта во „свои“ раце, честопати може да бидат испратени со честитки, ако тешките мечеви ги отсудиле на високо ниво, но и со забелешки доколку со своите одлуки придонеле резултатот да не соодветствува на случувањата на теренот. Затоа општо е познато оти судиите треба да бидат чесни, да не подлегнуваат на притисоците и да не бидат подмитливи. Само такви луѓе можат да ја спасат честа на судиската фела. Токму размислувањата околу судиите и нивната улога, која е мошне значајна во текот на натпреварите, беа повод да се потсетиме како се развиваше и растеше судиската организација во Македонија, која мора да признаеме дека имаше врвни судии, но и такви што поради своите неправилни, би рекол и симптоматични одлуки беа на удар на јавноста. За среќа, тој број на судии беше минорен, па можеби затоа особено во поранешната држава нашите судии беа барани од клубовите, тие да им судат на нивните средби. Впрочем дека беше така ќе се уверите и во овој текст посветен на македонската судиска организација, во кој користев многу податоци од книгата на мојот за жал починат пријател Илија Ико Атанасовски, кој низа години беше генерален секретар на ФФМ.

ПОЧЕТОЦИТЕ НА СУДИСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Откако кон крајот на втората декада од минатиот век почнале да се формираат првите фудбалски клубови во Македонија, нормално се јавила и потребата од формирање на судиската организација. Така, во рамките на Скопскиот лоптачки подсавез (СЛП), благодарение на иницијативата и личното ангажирање на првиот македонски фудбалски судија Душко Поповски била формирана и судиска организација. Инаку, Поповски ја добил лиценцата за судија во 1924 година, што значи дека оттогаш почнала да вирее и македонската судиска организација, кон која набрзо се приклучиле и нови членови, па така бројот пораснал на седум судии. Но, омасовувањето не застанало тука, зашто до почетокот на Втората светска војна Македонија веќе имала 23 фудбалски судии.
Во 1945 година, според статутите во фудбалската организација во рамките на поранешната држава, е формиран Судиски одбор на чие чело се наоѓа Мони Карио. Тој бил и првиот сојузен судија од Македонија. Во периодот до 1948 година, кога бил формиран Фудбалскиот сојуз на Македонија, Мони Карио заедно со Тодорче Костовски и со Антон Лека, како членови на судискиот одбор, своите активности ги вршеле во рамките на Фискултурниот одбор на Македонија. Тогаш се преземеле крупни чекори, кои биле насочени кон тоа да се зголеми бројот на фудбалските судии, а истовремено и да се работи на нивното квалитетно издигнување. Таквите ангажмани, а и разбирањето на кое наидувале кај спортските фактори, придонело многу брзо во Македонија да се појави една група квалитетни судии, предводени од Трајан Ивановски и Борче Неделковски. Инаку, тие своите знаења претходно ги презентирале пред првата испитна комисија, во состав Мони Карио, Ѓорѓи Миовски-Шиљо и Панта Поленак, па дури потоа, откако успешно го положиле испитот, почнале да ги водат натпреварите. Во 1951 година Ивановски и Неделковски, чиј квалитетен напредок бил евидентен, стануваат и првите македонски сојузни судии. Тие квалитетно ги воделе мечевите од Првата југословенска лига, па како резултат на тоа набрзо им бил доделен знакот на ФИФА, кој им овозможил да се појавуваат и на меѓународната сцена.
Во 1953 година, првпат, Судискиот одбор станува самостоен и почнува да функционира според теркот и правилата по кои се раководеле сите судиски одбори, низ републиките и покраините на поранешна Југославија. Претседател на првиот самостоен одбор бил Трајан Ивановски, кој со оглед на искуството што го стекнал по првите повоени години, можел авторитетно да го води одборот, а за секретар бил именуван Благоја Даниловски.

ДЕВЕТ КУП-ФИНАЛИЊА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ СУДИИ

Колку биле ценети и вреднувани македонските судии говори и податокот што на седуммина им беше укажана честа да ги водат финалните натпревари во најмасовното фудбалско натпреварување, Купот на Југославија за пехарот на маршалот Тито. Интересно е да се обележи оти македонските судии воделе вкупно девет финални средби, а двајца од нив, Трајан Ивановски и Борче Неделковски, имале чест по двапати да се појават на центарот на големото финале.
Инаку, Борче Неделковски бил првиот Македонец што судел финале. Тој во 1951 година ја делел правдата на мечот Динамо – Војводина, кој завршил со победа на загрепчаните со 2-0. Вторпат Неделковски судел финале во 1957 година, Партизан – Раднички (Белград) 5-3. Трајан Ивановски имал деби во 1953 година, на средбата БСК – Хајдук, за по две години повторно да ја дели правдата во финалето на југословенскиот куп.
Другите судии што ја имаа честа да го водат завршниот натпревар на Купот се: Гоце Попов во 1970 година бил главен арбитар во дуелот Црвена звезда – Олимпија, за веќе следната година Перула Костовски да суди во финалето Црвена звезда – Слобода. Томе Манојловски истрчал на теренот за да го суди натпреварот Риека – Партизан, а Стојан Илиевски бил главен судија во финалната пресметка помеѓу Динамо и Црвена звезда во 1986 година. Последен од македонските судии што водел едно југословенско куп-финале беше Гоце Попев. Тој во 1990 година, непосредно пред распадот на Југославија, беше главен судија на мечот Црвена звезда – Хајдук, во кој „црвено-белите“ со победа со 1-0 станаа освојувачи на купот.
Интересно е да се каже оти во тој турбулентен период во државата, Македонија доби уште двајца судии со амблемот на ФИФА, Слободан Јовиќ и Ѓоко Стојановски.

ДО РАСПАДОТ 36 МЕЃУНАРОДНИ НАСТАПИ

Во педесеттите години од минатиот век Трајан Ивановски и Борче Неделковски беа главните наши арбитри што се појавуваа да судат и меѓународни натпревари. Од нив двајца, повеќе шанси доби Неделковски, кој беше главен судија на седум меѓународни средби, од кои две во Купот на европските нации, а другите пет во Купот на европските шампиони (КЕШ), Купот на националните куп-победници (КПК) и во Балканскиот куп (БК). За разлика од него, Трајан Ивановски судеше два меѓународни натпревар, и тоа по еден во Купот на националните куп-победници и во Балканскиот куп.
Инаку, благодарение на судењето во Балканскиот куп, тетовецот Томе Манојлоски најмногу се појавуваше од нашите судии на меѓународната сцена. Тој како главен судија истрча на центарот на 13 меѓународни средби. Во неговата биографија стои оти судел на пет балкански купа, водел и еден официјален натпревар меѓу аматерските репрезентации, а другите седум се мечеви од КЕШ, КПК и од Купот на УЕФА.
Од другите судии, вредно е да се истакне оти Петар Костовски-Перула судел на седум меѓународни натпревари, но еден од нив од посебно значење, кога заедно со Ратко Чанак му беа помошници на Миливое Гугуловиќ во финалниот натпревар од КЕШ во 1973 година, помеѓу Ајакс и Јувентус (1-0), одигран во Белград. Тој натпревар остана запаметен кај љубителите на фудбалот, бидејќи тоа беше хет-трик на Ајакс во најквалитетниот куп, со што практично ја заокружи својата тригодишна доминација на европската клупска сцена. Перула Костовски, покрај учеството како помошен судија во това финале, имаше уште седум настапи како главен судија во натпреварите од КЕШ, КПК, БК и Купот на УЕФА. Прилепчанецот Трајче Маџоски имаше два меѓународни настапа, и тоа по еден во Купот на УЕФА и во Балканскиот куп. Гоце Попев двапати истрчуваше да води меѓународни натпревари, по еден во КПК и во БК, а Стојан Илиевски беше судија исто така на две средби од УЕФА-турнирот на аматерските репрезентации.
Таков беше ефектот на македонските фудбалски судии на меѓународните терени, пред распадот на Југославија. Тие партиципираа речиси во сите купови и репрезентативни средби и секаде беа коректни и добиваа високи оценки за своето судење. Потоа дојде времето на една нова генерација, која го продолжи нивниот пат и која барем досега успешно чекори на меѓународната сцена.