Фото: Игор Бансколиев

Македонија денеска ѝ гостува на Бугарија во 1. коло на Лигата на нациите, а средбата е прва официјална помеѓу двете репрезентации, по седумте пријателски меча од 1995 до 2016 година

Фудбалската репрезентација на Македонија, денеска (18 часот), со мечот на гости со селекцијата на Бугарија, го почнува настапот во третото издание на Лигата на нациите (ЛН), натпреварување што, покрај редовните квалификации, може да донесе и пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија. Средбата е прва официјална помеѓу Македонија и Бугарија, откако досега двете репрезентации меѓу себе одиграа седум пријателски меча (од 1995 до 2016 година), пет во Македонија, два во Бугарија. Македонија победи двапати (1-0 и 2-0 во Скопје), еднаш ремизира (0-0 во Кочани) и четири пати загуби (0-3 и 0-1 во Софија и 0-1 и 0-2 во Скопје). Вкупната гол-разлика е 3-7.
Лигата на нациите е дел од квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2024. Во јуни се предвидени четири кола и уште две во септември, а победниците на 12-те групи во лигите А, Б и Ц стекнуваат право да играат во плејофот за пласман на ЕП 2024, за три места од Лигата на нациите на континенталното првенство. Победниците на групите во лигата А, пак, ќе играат и на фајналфор-турнирот за третата титула на Лигата на нациите.
– Нашата цел е освојување на првото место во септември, кога завршува циклусот. Нѐ чекаат шест тешки натпревари. Императив во оваа селекција е секој да го даде најдоброто од себе. Фудбалерите да покажат дека имаат потенцијал, да го дадеме максимумот и на крајот да видиме што ќе ни донесе тоа. Ниту јас ниту стручниот штаб не живееме во минатото. Зад нас ги оставаме Италија и Португалија и ќе се обидеме најдобро што можеме да се носиме со новите предизвици. Шанса за настап и за потврда на својот потенцијал ќе добијат сите, ќе правиме ротации, а ќе бидеме задоволни ако ги видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите, покажувајќи ни дека можеме да сметаме на нив во иднина, затоа што за нас целта останува ЕП 2024. Базата ја имаме, ја направивме во 2015/2016, сега го освежуваме тимот со млади фудбалери од репрезентацијата до 21 година. Покажавме дека можеме да бидеме конкурентни во Европа, но треба да продолжиме во таа насока – изјави селекторот Благоја Милевски, пред почетокот на подготовките, пренесе Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет-страница.
За Македонија, по мечот со Бугарија, следува гостување кај Гибралтар (недела), а потоа се мечевите дома со Грузија (9 јуни) и со Гибралтар (12 јуни).


ЛИГА Ц, ГРУПА 4, ПРВО КОЛО

Бугарија – Македонија 18 ч.
Грузија – Гибралтар 18 ч.