Фото: Маја Јаневска-Илиева

Петочниот натпревар е клучен за репрезентацијата на Македонија, која само со победа ќе остане во комбинација за освојување на првото место и пласман во Лига Б. Грузија, која ја совлада Македонија во Скопје, во јуни, со 3-0, со нови три бода ќе ја завери првата позиција

ФУДБАЛ – ПОЧНУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ДВАТА МЕЧА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ

Најдобрите македонски фудбалери денеска напладне ќе ја имаат првата прозивка пред двата завршни натпревара во Лигата на нации (ЛН), против Грузија, в петок, во Тбилиси, и против Бугарија, на 26 септември, во Скопје. Македонија е втора во групата 4, лига Ц, со седум бода од четирите натпревари, зад Грузија, со 10 бода. Бугарија е трета со три, а Гибралтар последен со еден бод.
Петочниот натпревар е клучен за Македонија, која само со победа ќе остане во комбинација за освојување на првото место. Грузија, која ја совлада Македонија во Скопје, во јуни, со 3-0, со нови три бода ќе ја завери првата позиција што води во повисок ранг, во лига Б. Двете репрезентации не можат да испаднат во лига Ц.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, се соочува со многу проблеми пред важниот натпревар. Пред сѐ станува збор за формата на повеќе фудбалери, некои доскорашни стандардни репрезентативци уште се без ангажмани, а на тоа се надоврзаа повредата на Дарко Чурлинов и повлекувањето на Адис Јаховиќ. Поради тие причини, Милевски реши да повика дури 27 фудбалери на подготовките пред двата меча.
– Имаме многу проблеми и непланирани работи што се однесува до здравствената состојба и до формата на неколкумина фудбалери. Не сум задоволен поради тоа и од таа причина се повикани толку фудбалери. Исто така, некои од играчите немаат клубови, неколкумина, што се вели, пред некој ден најдоа клуб, а за формата да не говорам. Но тие проблеми ни даваат дополнителен мотив и сѐ додека постојат шанси, ќе даваме сѐ од себе за да се избориме за највисок пласман – рече Милевски.
Македонија има убаво искуство со Грузија и со Тбилиси, каде што триумфира (1-0) во финалето на плејофот на ЛН и се пласира на Европското првенство (ЕП) лани. Но во моментов Грузија е во подобра позиција од Македонија. Грузијците се во серија од девет меча без пораз и годинава немаат примено гол на домашен терен. Клучен играч е напаѓачот на Наполи и соиграч на Елиф Елмас, младиот 21-годишен Квича Кваратчелија, кој е и најефикасен во грузиските редови, со три гола, плус две асистенции (кај Македонија најефикасен е Енис Барди со два гола). Статистиката покажува и дека Грузијците се најопасни во почетокот на второто полувреме, од 46 до 60-та минута, кога постигнале 25 отсто од головите. Л.Д.


ФУДБАЛ
Почнува продажбата на билетите за мечот Македонија – Бугарија

Од денеска почнува продажбата на билетите за натпреварот Македонија – Бугарија, на 26 септември, во Скопје, во фудбалската Лига на нации. Билетите за северната трибина ќе чинат по 250 денари, а за јужната по 250 и 350 денари и ќе се продаваат исклучиво преку продажната мрежа на „МКтикетс“, со физичко присуство на купувачите. Ќе нема онлајн продажба на билети. Едно лице ќе може да купи најмногу четири билети. Покрај лична карта за идентификација, купувачот ќе треба да внесе податоци и за другите лица за кои ги купува билетите, објави Фудбалската федерација на Македонија на својата интернет-страница.


ЛИГА Ц, ГРУПА 4

Грузија – Македонија петок, 18 ч.
Бугарија – Гибралтар петок, 20.45 ч.

ТАБЕЛА
Грузија 4 3 1 0 12-2 10
Македонија 4 2 1 1 7-4 7
Бугарија 4 0 3 1 4-7 3
Гибралтар 4 0 1 3 1-11 1