ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
Црвено-жолтите денеска гостуваат во Казахстан. Со ремито со Белгија 1-1 во петокот во Скопје, македонската репрезентација ја продолжи серијата без пораз на официјални натпревари (квалификациски дуели и мечеви во Лигата на нациите) на 10 натпревари
Македонската фудбалска репрезентација денеска (од 16 часот) ќе игра на гости со селекцијата на Казахстан, во меч од четвртото коло од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. По ремито со репрезентацијата од првиот барабан пред ждрепката, Белгија, 1-1, во петокот, во Скопје, македонската репрезентација игра за врвот на табелата во групата Ј, во која води Велс со седум бода (од три меча), а потоа се Македонија со пет, Казахстан со три (од две средби), Белгија со еден (од еден натпревар) и Лихтенштајн без бодови. Во вториот меч од оваа група Белгија вечерва го пречекува Велс.
Досега Македонија и Казахстан одиграа еден меѓусебен натпревар, пријателски во 2021 година, кога Македонија во Скопје победи со 4-0, пред деби-настапот на црвено-жолтите на Европското првенство во 2021 година.
Со ремито со Белгија македонската репрезентација ја продолжи серијата без пораз на официјални натпревари (квалификациски дуели и мечеви во Лигата на нациите) на 10 натпревари. Во тие десет средби се ремијата дома со Англија, Велс и со Белгија и на гости со Фарските Острови (сите по 1-1) и победите на мечевите со Ерменија, Летонија (по двапати), Фарските Острови и со Лихтенштајн (сите без примен гол). Македонија има и серија од седум натпревари дома без пораз во официјални средби.
На СП 2026 од Европа директно ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, а во плејофот ќе настапат 12-те второпласирани од тие групи и четири најдобри меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, кои не ги освоиле првите две места во редовните квалификации. Победници на групите во Лигата на нации се Македонија, Португалија, Франција, Германија, Шпанија, Чешка, Англија, Норвешка, Велс, Шведска, Романија, Северна Ирска, Сан Марино и Молдавија.