Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2024 ГОДИНА ВО ГЕРМАНИЈА

Македонија ќе игра со европскиот првак Италија, која ја победи во март годинава во плејофот за пласман на СП 2022, потоа со континенталниот вицешампион Англија, со која ќе се сретне првпат по 15 години и кај која нема пораз на гостувањата, со Украина, со која играше на дебитантското ЕП, лани, како и со Малта, со која најмногупати се сретнала, но нема меѓусебен меч од 2010 година. На ЕП 2024 ќе настапат првопласираните две селекции. За црвено-жолтите ова ќе биде јубилеен 15-ти квалификациски циклус

Македонската фудбалска репрезентација за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година во Германија ќе игра со две познати репрезентации, во конкурентна група во која се најдобрите две селекции од ЕП 2020, првакот Италија и вицешампионот Англија, потоа ривалот од ЕП 2020, Украина, а во групата Ц е и репрезентацијата на Малта. На ЕП 2024 ќе настапат првопласираните две селекции во групата.

Македонија во март годинава ја победи Италија во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар, на гости, во Палермо, со 1-0, со голот на Александар Трајковски. Претходно двете селекции играа меѓу себе и во квалификациите за СП 2018, кога Македонија дома загуби со 2-3, а ремизира на гости, 1-1. Вкупно, двете репрезентации имаат по една победа и еден меч заврши со реми, со вкупна гол-разлика 4-4. Италија покрај европската титула лани, континентален првак беше и во 1968 година, а светски шампион во 1934, 1938, 1982 и во 2006 година.

Англија ѝ беше ривал на Македонија во два квалификациски циклуса, и во двата црвено-жолтите не загубија на гости, играјќи нерешено, прво 2-2 во Саутемптон, во квалификациите за ЕП 2004, и потоа 0-0 во Манчестер, во циклусот за пласман на ЕП 2008. Во Скопје беше 2-1 и 1-0 за Англија, која во својата историја има една светска титула, во 1966 година.

Со Украина, македонската репрезентација играше лани во второто коло во групата Ц на ЕП 2020, во Букурешт (Романија), кога Украина победи со 2-1, а таа репрезентација победи и во мечевите во квалификациите за ЕП 2016 (1-0 дома, 2-0 на гости). Во двата пријателски дуела, Македонија по еднаш ремизира (0-0 на гости во 2003 година) и победи (1-0 во 2004 година, дома).

Македонија и Малта досега се сретнаа шест пати, а дуелите в година ќе бидат први по 14 години. Двете селекции двапати се сретнаа во квалификациите за ЕП 2000, во кои црвено-жолтите победија двапати (4-0 дома, 2-1 на гости). Во тест-средбите, Македонија има три победи (1-0 во Прилеп и 2-0 на гости во 1996 година, 5-0 во Скопје во 2002 година) и едно реми (1-1 на гости во 2010 година).

За црвено-жолтите ова ќе биде јубилеен 15-ти квалификациски циклус, откако досега учествуваа во по седум за европските (во 1996, 2000, 2004, 2008, 2012, 2016 и во 2020 година) и за светските првенства (во 1998, 2002, 2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година). Најголемиот успех во квалификации за ЕП, Македонија го оствари во циклусот за ЕП 2020, со освоеното трето место во групата, а потоа и со пласманот на тоа континентално првенство низ плејофот на Лигата на нациите (ЛН). Во квалификациите за светските првенства (СП), пак, Македонија беше втора во циклусот за СП 2022 (во група во која победи Германија) и беше на чекор до пласман и на мундијал, откако заигра во финалето на баражот, со Португалија.

Од оваа група на СП 2022 ќе игра само Англија (како победник на групата И, со само две ремија). Италија загуби од Македонија во полуфиналето на баражот, Украина во финалето баражот од Велс, а Малта со пет бода беше последна во групата Х, со победата дома на мечот со Кипар и ремијата со Кипар и со Словачка на гости.
На ранг-листата на Светската фудбалска федерација Англија е петта, Италија е шеста, Украина е 27., Македонија е 65-та, а Малта е на 168-то место.


 

Од квалификациите 20 селекции, а од плејофот три ќе играат на ЕП

Вкупно 23 фудбалски репрезентации ќе му се придружат на домаќинот Германија на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. Првите 20 места ќе се обезбедат со квалификациската групна фаза, а на ЕП 2024 ќе играат по двете првопласирани селекции од секоја од десетте групи. Преостанатите три места се за победниците во плејофот, поврзан со Лигата на нациите, каде што право на настап обезбедија вкупно 12 репрезентации, и тоа првопласираните во групите во лигите А, Б и Ц. Ако некоја од тие 12 селекции се пласира на ЕП преку квалификациите, таа ќе биде заменета со следната најдоброрангирана репрезентација во нивната лига. Ако нема доволно неквалификувани селекции во истата лига, тогаш се бара репрезентација во следната лига, завршувајќи со лигата Д, пишува Европската фудбалска унија на својата интернет-страница.