ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО 2026 ГОДИНА
- Македонската селекција е во четвртиот барабан и, според интернет-страниците што пресметуваат ранг-листа во живо, нејзини можни противници се Италија, Данска, Турција и Украина. Црвено-жолтите ќе го играат тој меч на гости, а домаќинот на финалето ќе биде одреден со посебна ждрепка. Македонија првпат настапи во плејоф за мундијал за СП 2022 кога во полуфиналето ја победи Италија на гости со 1-0, а во финалето загуби од Португалија со 0-2, исто така на гости
Македонската фудбалска репрезентација загуби со 1-7 од Велс на гости во последниот меч од групната фаза од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада и го освои третото место во групата Ј, па во плејофот ќе игра преку успехот во Лигата на нациите, каде што беше првопласирана во една од групите во лигата Ц. За Македонија следуваат две ждрепки, првата е денеска (13 часот), во Цирих (Швајцарија), со која ќе го добие ривалот во полуфиналето на плејофот, кој на програмата е во март в година, а втората е на 5 декември во Вашингтон (САД), за извлекување на групите за СП 2026, кога Македонија ќе ги добие потенцијалните противници на тој планетарен фудбалски шампионат.
Четирите патеки на европскиот плејоф ќе одредат уште четири европски селекции што ќе играат на Светското првенство во 2026 година. Ќе се играат по еден полуфинален и финален меч во секоја патека. Вкупно 16 репрезентации учествуваат во европскиот плејоф, и тоа 12 второпласирани од групната фаза на квалификациите (Албанија, БиХ, Чешка, Данска, Италија, Косово, Полска, Република Ирска, Словачка, Турција, Украина, Велс) и четири селекции преку Лигата на нациите од сезоната 2024/2025 (Македонија, Романија, Шведска, Северна Ирска).
Репрезентациите ќе бидат поделени во четири барабани. Во полуфиналните средби ќе играат селекции од првиот барабан против селекции од четвртиот, во кој е Македонија заедно со сите селекции што во плејофот влегоа преку Лигата на нациите, а другите двојки се од репрезентации од вториот и третиот барабан. Репрезентациите од првите два барабана ќе ги играат полуфиналните мечеви дома. За секое финале на плејофот се спроведува ждрепка за однапред да се утврди кои победници од полуфиналето ќе играат дома во тие финалиња, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Дванаесетте второпласирани селекции од квалификациите ќе бидат рангирани од прво до 12-то место, врз основа на пласманот на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), која треба да биде објавена пред ждрепката, а четирите селекции што се квалификувале преку Лигата на нациите ќе бидат рангирани од 13-то до 16-то место. Во првиот барабан ќе бидат селекциите рангирани од првото до четвртото место, во вториот тие од петтото до осмото, а во третиот тие од деветтото до 12. место.
Со ждрепката, репрезентациите од првиот барабан се распределуваат во полуфиналињата 1, 3, 5 и 7 и за ривали добиваат селекции од четвртиот, а четирите репрезентации од вториот барабан се распределуваат во полуфиналињата 2, 4, 6 и 8 и ќе се сретнат со селекции од третиот барабан. Плејоф-патеката А е формирана од полуфиналињата 1 и 2, патеката Б од полуфиналињата 3 и 4, патеката Ц од полуфиналињата 5 и 6 и патеката Д од полуфиналињата 7 и 8.За Македонија ова е второ едноподруго учество во плејоф за пласман на СП, а вкупно трето доигрување за големо фудбалско натпреварување, откако играше во баражот преку кој се пласира на своето прво европско првенство, играно во 2021 година. Првпат црвено-жолтите настапија во плејоф за мундијал за планетарниот шампионат во 2022 година, во Катар, кога во полуфиналето ја победија Италија на гости со 1-0, а во финалето загубија од Португалија со 0-2, исто така, на гости. Според интернет-страниците што пресметуваат ранг-листа во живо, во првиот барабан за денешната ждрепка би требало да бидат Италија, Данска, Турција и Украина, во вториот Полска, Велс, Чешка и Словачка, во третиот Република Ирска, Албанија, БиХ и Косово, а во четвртиот Македонија, Романија, Шведска и Северна Ирска. Н.М.
































