Левандовски минатата недела стана третиот фудбалер што постигнал 100 гола во Лигата на шампионите. „Ако работите напорно и се фокусирате на детали, можеби нема ни да го сфатите тоа, но почнувате автоматски да правите одредени работи на натпреварите. Тоа е убавината на фудбалот. Дури и ако мојата десна нога е подобра од левата, треба напорно да работам со двете“, вели Левандовски, пренесе УЕФА
ФУДБАЛ
Откако собори рекорди со успешните настапи во Баерн, Роберт Левандовски не покажа знаци на забавување откако ѝ се приклучи на Барселона во јули 2022 година, а Европската фудбалска унија (УЕФА) го претстави патот на полскиот репрезентативец откако стана само третиот фудбалер што постигнал 100 гола во Лигата на шампионите (ЛШ), пишува УЕФА.
Педри, соиграч на Левандовски од Барселона, вели дека е лесно да се игра со играч како него.
– Затоа секогаш се трудам да го најдам на теренот. Се восхитувам на неговата завршница и на неговиот начин на игра. Луксуз е да се игра со Левандовски. Се надевам дека тој ќе ни носи многу радост – рече Педри.
Левандовски за репрезентацијата на Полска одигра 156 меча, постигна 84 гола, а во клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија има 152 настапи, 109 погодоци.
– Во 1970-тите Полска го имаше Казимиерз Дејна, во 1980-тите Збигњев Боњек, а сега го имаме Левандовски. Сегашниот успех на нашата репрезентација се сведува на тимската работа, но за секој успех треба лице, а тоа лице е Роберт Левандовски. Тој е апсолутно светска класа – вели Боњек, поранешен напаѓач на Полска и претседател на Полската фудбалска асоцијација, пренесе Европската фудбалска унија.
ПРВЕНСТВА НА ПОЛСКА, ГЕРМАНИЈА И НА ШПАНИЈА
Левандовски беше најдобар стрелец во сите три врвни дивизии во Полска, со Знич Прушков (трета лига, во 2007 година, втора лига, 2008) и со Лех Познан (прва дивизија, 2010), а тој го постигна победничкиот гол на европското деби со Лех, во квалификациите за Купот на УЕФА во 2008 година, пишува Европската фудбалска унија.
– Се сеќавам дека во една сезона мојот тим постигна 158 гола, Роберт постигна половина од нив – вели Кшиштоф Сикорски, младинскиот тренер на Левандовски во Варсовиа Варшава, пренесе УЕФА.
Во март 2013 година, Левандовски го собори рекордот на Фридхелм Кониецка постигнувајќи гол во 12 меча по ред во Бундеслигата за Борусија Дортмунд. Тој стана првиот што постигнал четири гола во полуфинале во Лигата на шампионите, кога Борусија го победи Реал Мадрид со 4-1 на 24 април 2013 година. Од Дортмунд замина како најдобар европски стрелец на клубот со 18 гола (рекорд што подоцна беше соборен од Марко Ројс и од Пјер-Емерик Обамејанг).
– Фактот дека тој стана напаѓач од светска класа се должи на неговата работна етика на тренинзите и неговата амбиција. Начинот на кој се мотивира е извонреден – рече Јирген Клоп, поранешен тренер на Борусија Дортмунд.
Во дресот на Баерн постави светски рекорд постигнувајќи пет гола за осум минути и 59 секунди во победата со 5-1 на мечот со Волфсбург на 22 септември 2015 година. Тоа вклучи и најбрз хет-трик во Бундеслигата (за четири минути) и најмногу голови во Бундеслигата како играч што во игра влегол како резервен фудбалер (пет). Левандовски постигна 82 гола во неговите први 100 натпревари во Бундеслигата за Баерн, најдобрата статистика за ново засилување во историјата на натпреварувањето. Во сезоната 2015/2016 стана првиот странски играч што постигнал 30 гола во една сезона во Бундеслигата (и првиот играч воопшто што постигнал 30 по Дитер Милер во сезоната 1976/77). Тој го израмни тој резултат во сезоната 2016/2017, израмнувајќи се со Герд Милер во тоа што стана само вториот играч што постигнал 30 гола во две сезони едноподруго во Бундеслигата, пишува УЕФА. Со 312 гола, Левандовски е убедливо најдобриот странски стрелец во историјата на Бундеслигата (во март 2019 година го надмина рекордот на Клаудио Пизаро од 195 гола). Левандовски постигна неверојатни 41 гол на 29 меча за Баерн во сезоната 2020/2021, соборувајќи го рекордот на Герд Милер од сезоната 1971/72 од 40 гола за најмногу голови во една сезона во Бундеслигата. Во 2021 година беше награден за неговите игри со наградата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за најдобар фудбалер на годината, пишува УЕФА.
– Тој е еден од најпрофесионалните фудбалери со кои сум работел. Јаде, спие и тренира за својата работа. Тој никогаш не е повреден, бидејќи толку многу се фокусира на правилната исхрана и на правилната подготовка – вели Пеп Гвардиола, поранешен тренер на Баерн, пренесе Европската фудбалска унија.
Како фудбалер на Барселона го освои трофејот за најдобар стрелец во Ла лига за сезоната 2022/2023, со 23 гола на 34 меча. Сезоната 2023/2024 во Ла лига ја почна со 12 гола на 10 средби, на 23 ноември постигна 20 клупски погодока во 14-та сезона по ред, надминувајќи претходен рекорд на Лионел Меси, а три дена подоцнана мечот со Брест стана само третиот играч, по Кристијано Роналдо и Меси, кој постигнал 100 гола во Лигата на шампионите, пишува УЕФА.
– Левандовски е најдобриот централен напаѓач во светот во претходните десет години. Неговата работа е да игра напред и да постигнува голови, а тој го прави тоа. Едноставно – вели Ханси Флик, тренер на Барселона.
ФОКУС
На 10 септември 2008 година, на возраст од 20 години и 20 дена, стана вториот најмлад стрелец за Полска (рекордот го има Влоџимиерз Лубански, на возраст од 17 години). Постигна 13 гола во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2016 година, со што го израмни рекордот на Дејвид Хили од Северна Ирска во пресрет на ЕП 2008. Од 13 јуни 2015 до 10 јуни 2017 година, Левандовски постигна гол во 11 меча по ред во европски квалификации. Вкупно 16 пати ја затресе мрежата во десет квалификациски меча за Светското првенство во 2018 година, што е европски рекорд, пишува УЕФА. Левандовски е еден од тројцата играчи што постигнале гол во четири последователни изданија на европските првенства, тој е најдобриот стрелец на Полска на сите времиња со 84 гола и е играч со најмногу настапи за Полска, 156, пишува Европската фудбалска унија.
– Дали е тешко да се зборува за мојата работа? Тоа е работа на медиумите. Наместо тоа, би сакал да си одам дома и да се фокусирам на следниот натпревар. Се обидувам да се исклучам и да не следам премногу што зборуваат луѓето. Поважно е да се фокусирам на тренинзите, да работам напорно и да ја искористам мојата енергија на следниот натпревар, за тоа како да постигнам повеќе голови, како да победиме. Тоа е она на што се обидувам да се фокусирам. Јас сум приземјена личност со студена глава. Секогаш треба да верувате во своите способности. Секогаш знам дека ќе има шанси. Инстинктот понекогаш помага, но има работи на кои можете да работите на тренинзите. Ако работите напорно и се фокусирате на детали, можеби нема ни да го сфатите тоа, но почнувате автоматски да правите одредени работи на натпреварите. Тоа е убавината на фудбалот. Дури и ако мојата десна нога е подобра од левата, треба напорно да работам со двете. Кога бев многу млад играч, шест или осум години, се угледував на Роберто Баџо. Кога малку пораснав, тоа беше Алесандро дел Пјеро. А кога знаев малку повеќе, тоа беше Тиери Анри. Неговото движење, неговата техника и начинот на кој ја удираше топката и постигнуваше голови беше одлично да ги гледам тоа како дете, научив многу од него – вели Левандовски, пренесе УЕФА. Н.М.