Фото: Маја Јаневска-Илиева

ФУДБАЛ

Досега нови клубови, според податоците на УЕФА, имаат, на пример, Мане, Стерлинг, Лукаку, Халер, Ди Марија, Кутињо, Холанд, Ериксен, Жезус, Бејл (за трансферот на Левандовски е објавено дека е постигнат договор, но до вчера не беше потпишан)…, слободни за трансфер се и, на пример, Суарез, Дибала, Иско, Марсело, Алвеш… Клубовите од петте најсилни првенства во Европа веќе потрошиле за трансфери речиси како во целиот летен преоден рок лани, а дел од трансферите се направени од освојувачи на награда на ФИФА, добитници на „златната копачка“ во ЛШ за претходните две сезони, двајца од најдобрите тројца голгетери за лани, повеќе стрелци на двоцифрен број голови во минатата сезона итн.

Фудбалските клубови од петте најсилни првенства во Европа (Англија, Германија, Франција, Шпанија и Италија) веќе потрошиле речиси 2,5 милијарди евра за трансфери летово, според податоците на британскиот дневен весник „Гардијан“, речиси како во целиот летен преоден рок во минатата година (годинашниот трае до крајот на август). Некои од трансферите или најавите за промена на клуб се направени од звучни играчи, многу од нив задолжени и за постигнување голови, меѓу нив освојувач на наградата „најдобар“ на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за 2021 година, добитници на „златната копачка“ на Лигата на шампионите за сезоните 2019/2020 и 2020/2021, двајца од најдобрите тројца стрелци за минатата сезона итн.

Така, нови клубови, според некомплетните податоци објавени на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА) за трансфери до саботата, имаат, на пример, Рафиња (од Лидс во Барселона, за трансферот на златната копачка на Европа две сезони по ред, Роберт Левандовски од Баерн е објавено дека е постигнат договор, но до вчера не беше потпишан), Садио Мане (од Ливерпул во Баерн), Рахим Стерлинг (од Манчестер сити во Челси), Ромелу Лукаку (од Челси во Интер), Себастиен Халер (од Ајакс во Борусија Дортмунд), Марио Геце (од ПСВ Ајндховен во Ајнтрахт), Анхел ди Марија (Од ПСЖ во Јувентус), Пол Погба (од Манчестер јунајтед во Јувентус), Дарвин Нуњез (од Бенфика во Ливерпул), Ерлинг Холанд (од Борусија Дортмунд во Манчестер сити), Дивок Ориги (од Ливерпул во Милан), Филипе Кутињо (од Ливерпул во Астон Вила), Кристијан Ериксен (од Брентфорд во Манчестер јунајтед), Иван Перишиќ (од Интер во Тотенхем), Габриел Жезус (од Манчестер сити во Арсенал), Такуми Минамино (од Ливерпул во Монако), Герет Бејл (од Реал Мадрид во ФК Лос Анџелес)…

Слободни за трансфер се и, на пример, Луис Суарез од Атлетико Мадрид, Пауло Дибала од Јувентус, Иско и Марсело од Реал Мадрид, Дани Алвеш од Барселона…, а нови договори потпишаа, меѓу другите Мохамед Салах со Ливерпул, Килијан Мбапе со ПСЖ, Серж Гнабри со Баерн… Клубови сменија и, на пример, Андреас Кристенсен (од Челси во Барселона), Никлас Суле (од Баерн во Борусија Дортмунд), Корентин Толисо (од Баерн во Лион), Калиду Кулибали (од Наполи во Челси), Антонио Ридигер (од Челси во Реал Мадрид), Аксел Витсел (од Борусија Дортмунд во Атлетико Мадрид), Федерико Бернардески (од Јувентус во Торонто), Џорџо Киелини (од Јувентус во ФК Лос Анџелес) итн.

Многу од нив во минатата сезона беа стрелци на двоцифрен број голови во домашните првенства, Левандовски ја доби наградата на ФИФА и две сезони по ред е најдобар стрелец во Европа, Холанд беше најдобар стрелец на ЛШ пред две сезони, Левандовски една сезона пред тоа, со Халер меѓу првите тројца сезонава итн.
Од клубовите што ќе настапат директно во групната фаза на Лигата на шампионите, според податоците на УЕФА до саботата, најмногу измени досега направиле Ајнтрахт (девет нови фудбалери, 10 играчи заминале), Интер (6-11), Борусија Дортмунд (8-7), Селтик (4-11), Спортинг (7-7), Баерн (3-9), итн., а најмалку Баер (1-4), Атлетико (2-4)…