ФУДБАЛ

Шпанската Ла лига потврди дека поднела жалби до Европската фудбалска унија (УЕФА) поради тоа што Пари сен Жермен и Манчестер сити „континуирано ги прекршуваат регулативите за финансискиот ферплеј“, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Ла лига соопшти дека жалбата против Сити била поднесена во април, а против ПСЖ „неделава“. Шпанската лига инсистира на тоа дека ќе ги засили правните дејства против двата клуба.

Ла лига ангажира правни фирми во Франција и во Швајцарија „за да се преземат административни и судски дејства пред релевантните француски тела и Европската Унија што е можно поскоро“, се вели во соопштението на лигата.

Манчестер сити го ангажира Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд за 60 милиони евра, но договорот, вклучувајќи ги платата и таксите за агентите, наводно, може да надмине 250 милиони фунти (290 милиони евра). Во ПСЖ, Килијан Мбапе, кој потпише нов тригодишен договор, ќе има годишна плата помеѓу 40 и 50 милиони евра. Ла лига воведе систем на строги ограничувања за трошење во 2013 година, за кои претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас, вели дека ја зголемуваат конкурентната рамнотежа во шпанската лига и ги охрабрува клубовите да прифатат подолгорочни пристапи за трошење.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, во интервју за АФП минатиот месец изјави дека ги отфрла критиките на Ла лига за новиот договор на Мбапе.
– Апсолутно не се согласувам. И онака во фудбалот има премногу навреди и мислам дека секоја лига треба да се грижи за својата ситуација. Сметам дека не е правилно една лига да критикува друга лига. Колку што знам, понудата од Реал за Мбапе беше слична на понудата на ПСЖ – изјави Чеферин.