Фото: Игор Бансколиев

Одлучивме да го имаме ова тестирање затоа што добивме некои барања да ја направиме поразбирлива одлуката донесена од судијата по интервенцијата на ВАР, за сите фудбалски чинители, за гледачите на стадионот или пред ТВ-екраните. Во фудбалот, јазикот може да биде проблем, особено кога треба да ја објавите одлуката на јазик што не ви е мајчин. Ова можеби не е толку лесно. Но бидејќи објавувањето ќе биде доста концизно, јас сум силно убеден дека судиите ќе се чувствуваат удобно со ова, вели Колина, претседателот на Комитетот за судии на ФИФА

ФУДБАЛ

На својот годишен деловен состанок во Лондон минатиот месец, Меѓународниот одбор на фудбалска асоцијација (ИФАБ) ги следеше препораките од фудбалските и од техничките советодавни панели од октомври лани и се согласи дека комуникацијата на судиите со јавноста во живо за одлуките поврзани со системот видеопомошник-судија (ВАР), на стадионот и преку радиодифузерите, ќе се тестира 12 месеци на меѓународни мечеви, и дека првично ќе биде спроведена на клупското Светско првенство (СП) што е во тек во Мароко, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
– Одлучивме да го имаме ова тестирање затоа што добивме некои барања да ја направиме поразбирлива одлуката донесена од судијата по интервенцијата на ВАР, за сите фудбалски чинители, за гледачите на стадионот или пред ТВ-екраните. Бидејќи јазикот може да биде еден од проблемите, мислевме дека ова клупско СП ќе биде совршено, бидејќи е натпреварување на повеќе јазици, со тимови и, се разбира, вклучени гледачи што доаѓаат од сите шест континенти – вели претседателот на Комитетот за судии на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.
Во некои други спортови почеста е употребата на таква технологија за информирање на гледачите за одлуките на официјалните лица на натпреварите.

– Има и други искуства во други спортови, поточно во американскиот фудбал, кои го прават тоа доста долго време. Се чини дека на судиите ова им е доста удобно. Во фудбалот, јазикот може да биде проблем, особено кога треба да ја објавите одлуката на јазик што не ви е мајчин. Ова можеби не е толку лесно. Но бидејќи објавувањето ќе биде доста концизно, силно сум убеден дека судиите ќе се чувствуваат удобно со ова – вели Колина.
Во моментов се водат дискусии за понатамошното тестирање на Светското првенство за фудбалери до 20 години во Индонезија годинава. Во зависност од исходот на овие тестирања, не е исклучено користење и на Светското првенство за фудбалерки во Австралија и во Нов Зеланд во јули и во август.
ИФАБ е единственото тело овластено да одлучува и да се согласува со промените на правилата на играта. ИФАБ е составен од четирите британски фудбалски асоцијации (Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска), со по еден глас, и ФИФА, која ги покрива преостанатите 207 асоцијации, со четири гласа. На овој начин сите пет тела обезбедуваат зачувување на правилата со почитување на фудбалските традиции, како и неговата меѓународна реалност. За усвојување предлог е потребно мнозинство од три четвртини. Измени на правилата може да се воведат само за време на годишните генерални состаноци, кои вообичаено се одржуваат секој февруари или март, пишува ФИФА.