Светското првенство е совршена сцена за новите потенцијални суперѕвезди да го покажат својот талент. Едно име се издвојува пред сѐ како природен наследник на двајцата големи, Мбапе, а агенцијата АП ги посочува и Холанд, Белингем, Гакпо, Феликс, Рамос, Винисиус Жуниор, Алварез, Мусиала, Гави, Педри…

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Светското првенство (СП) во Катар може да биде последен пат кога ќе ги видиме Лионел Меси и за Кристијано Роналдо на најголемата фудбалска сцена, па имајќи го тоа на ум, мислите природно се свртуваат кон нова генерација и од двајцата што доминираа во спортот во изминатите 15 години, освојувајќи заедно 12 награди „златна топка“ за најдобар фудбалер на годината во светот и девет трофеи во Лигата на шампионите, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Светското првенство е совршена сцена за новите потенцијални суперѕвезди да го покажат својот талент. Едно име се издвојува пред сѐ како природен наследник на двајцата големи – Килијан Мбапе.
– Мислам дека уште не сме го виделе најдоброто од Килијан. Тој е неверојатен и уште е млад, уште може да ја подобри својата игра – рече соиграчот од Франција, Оливие Жиру.
Не дека Мбапе може да се опише како „нов“. Можеби има само 23 години и уште ја чека својата прва „златна топка“ или трофеј во Лигата на шампионите, но Мбапе веќе го освои Светското првенство пред четири години и на актуелниот Мундијал е водечки стрелец со пет гола. Тој го има трофејот што го посакуваат Меси и Роналдо, и за една недела би можел да има два од нив, пишува АП.

На Мбапе, исто така, би можело да му преостанат уште две или три светски првенства, а со девет гола на два турнира досега, тој се приближува до рекордот на Мирослав Клосе од 16 на светските шампионати. Но за да се совпадне со моќта на Меси и на Роналдо за долговечност, можеби она што најмногу го бара Мбапе е ривал да го турне до поголеми височини, пишува АП. Дали Меси или Роналдо би постигнале такви извонредни подвизи без другиот да го турка напред? Најочигледниот предизвик за Мбапе во моментов доаѓа од Ерлинг Холанд, гол-машината на Манчестер сити, чија репрезентација, Норвешка, не се пласира на СП 2022. Тој е друга перспектива, но ако станува збор за бројки, Холанд има потенцијал да оди рамо до рамо со него во однос на европските трофеи и головите.
Светското првенство обезбеди помалку очигледна конкуренција за Мбапе. Англичанецот Џуд Белингем е различен профил на играч, но неговите доминантни перформанси во средината на теренот ја одведоа неговата репрезентација во четврт-финалето, каде што денеска ќе се сретне со бранителот на титулата Франција. Холандскиот напаѓач Коди Гакпо постигна три гола и ја зголеми својата репутација откако беше поврзан со трансфер во Манчестер јунајтед во летото, но тој го игра својот клупски фудбал во холандската лига со ПСВ Ајндховен, па има уште работа за да се смета меѓу елитните играчи, пишува АП.

– Работите можат да се променат, но Коди има сѐ што е потребно за да стане ѕвезда. Тој има прекрасна личност да стане ѕвезден играч, затоа што е со отворен ум за сѐ и сешто – рече селекторот на Холандија, Луис ван Гал.
Португалецот Жоао Феликс допрва треба да го исполни својот потенцијал во Атлетико Мадрид, но покажа блесок на талентот што го прави ѕвезда на иднината кога се појави во Бенфика. Тој има тип на индивидуални квалитети што ја менуваат играта за да се забележи како да се издвојува од групата. Во меѓувреме, соиграчот на Феликс од репрезентацијата на Португалија, Гонсало Рамос, одеднаш се стави во фокусот по неговиот хет-трик (три гола) на натпреварот со Швајцарија во осминафиналето на СП 2022, кога го замени Кристијано Роналдо во составот. Винисиус Жуниор (22) се појавува како сила за Бразил и потенцијален наследник на Нејмар како следна икона на неговата репрезентација.
– Постигна напредок откако пристигна во Реал Мадрид и тоа го покажува на Светското првенство – изјави клупскиот колега од Реал Мадрид, Лука Модриќ.
Аргентинецот Џулијан Алварез изгледа како природен голгетер, Германецот Џамал Мусиала се смета за голема надеж на неговата репрезентација, а шпанската двојка од средниот ред Гави и Педри ги враќа сеќавањата на големото партнерство во репрезентацијата на Чави и Андрес Иниеста, но во однос на влијанието и привлечноста на ѕвезда, никој не може да се спореди со Мбапе, пишува АП. Се разбира, Меси и Роналдо уште не завршиле. И кој би поминал некој од нив да додаде уште едно победничко поглавје во нивната приказна на овој Мундијал?


СП 2022 ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

1. Хрватска – Бразил синоќа
2. Холандија – Аргентина синоќа
3. Мароко – Португалија 16 ч.
4. Англија – Франција 20 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 вторник
Победник 3 – Победник 4 среда

НАТПРЕВАРИ ЗА МЕДАЛИ
Меч за третото место 17 декември
Финале 18 декември


По Жиру во осминафиналето, Лорис во четврт-финалето ќе постави рекорд

Капитен повеќе од една деценија, голманот Иго Лорис ќе влезе во историјата на француската репрезентација денеска, кога ќе го предводи актуелниот светски фудбалски првак во осминафиналниот меч со Англија на Светското првенство (СП) во Катар. Тој ќе постави рекорд со 143-от настап за Франција, надминувајќи го досегашниот рекордер на таа репрезентација, Лилијан Тирам. Во осминафиналето, пак, беше соборен и голгетерскиот рекорд на Франција, кога Оливие Жиру го постигна 52-от гол за Франција, еден повеќе од Тиери Анри.
Лорис, кој овој месец полни 36 години, стана капитен на меѓународно ниво додека играше клупски фудбал за Лион. Оттогаш тој загуби во финалето на Европското првенство пред да го освои Светското првенство пред четири години во Русија.
– Еволуирав природно. Мислам дека сега сум многу различен од момчето на 23 години, кога првпат ми ја дадоа лентата – изјави тој за АФП непосредно пред СП 2022.