Секогаш инвестирав сѐ што имав. Сфатив дека моите ресурси не се бесконечни и претпочитам да спакувам сѐ во оваа сезона, а потоа да одморам или да запрам или што и да е. Сè уште мислам дека тоа е вистинската работа, вели Клоп

ФУДБАЛ

Менаџерот на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул, Јирген Клоп, кој најави дека ќе го напушти клубот на крајот на сезоната, рече дека сфатил дека неговите „ресурси не се бескрајни“, додека неговиот тим продолжува да се натпреварува за четири трофеи сезонава, пишува „Би-би-си“.
– Со целата одговорност што ја имате во оваа работа, мора да бидете врвни. Ова го правам веќе 24 години. Кога ја имате кариерата што ја имав, речиси е невозможно да почнете таму каде што почнав и да пристигнете во Ливерпул. Секогаш инвестирав сѐ што имав. Сфатив дека моите ресурси не се бесконечни и претпочитам да спакувам сѐ во оваа сезона, а потоа да одморам или да запрам или што и да е. Сѐ уште мислам дека тоа е вистинската работа – вели Клоп, пренесе „Би-би-си“.
Клоп рече дека играчите не поставувале многу прашања кога им ја кажал својата одлука.
– Имаме навистина силна врска со играчите, така што тие уште не поставуваат прашања, бидејќи ние сме професионалци – рече тој.
Објавата на Клоп доаѓа и покрај неговиот актуелен договор, кој го потпиша во април 2022 година, а истекува во 2026 година. Клоп, кој го презеде клубот во 2015 година, рече дека незгодната сезона лани, во која Ливерпул не освои ниту еден поголем трофеј и беше на петтото место во Премиер-лигата, беше проследена со „тешко“ лето на обнова и дека неговото ниво на енергија не е „бескрајно“.
– Не можам да го правам тоа на три тркала, не сакам да бидам патник. Моите менаџерски вештини се засноваат на енергија и на поврзување. Јас сум тоа што сум и каде што сум поради тоа каков сум. Не можам повеќе да бидам таков – рече тој.
Шпекулациите околу тоа кој ќе го наследи Клоп до крајот на сезоната веќе почнаа, а Клоп рече дека нема да каже кој е тоа, но дека „силната структура“ изградена од неговото доаѓање е „една од причините поради кои можам да заминам“.
– Толку многу луѓе работат тука само со една идеја – да најдат совршено решение за Ливерпул. Последното нешто што им треба е совет од старецот што излегува од вратата. На овој клуб во иднина му посакувам сѐ најдобро – рече Клоп.

Ниту еден друг англиски клуб

Клоп на прашањето дали ќе има пресврт на неговата одлука како онаа на поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Алекс Фергусон, кој ја смени својата одлука да се пензионира на крајот од сезоната 2001/2002, тој остана решен дека нема да има. Клоп рече дека не размислувал што ќе прави откако ќе му заврши мандатот во Ливерпул.
– Не размислував за тоа, бидејќи немав време да го направам тоа. Што и да се случи во иднина, сега не знам, но ниту клуб, ниту земја, за следната година и ниту еден друг англиски клуб некогаш. Можам да го ветам тоа. Дури и да немам што да јадам, нема да се случи тоа – рече тој, пренесе „Би-би-си“.
Клоп го замени Брендан Роџерс во 2015 година и досега водеше 466 натпревари во сите натпреварувања, забележувајќи 283 победи, со импресивен процент победи од 60,7, пишува „Скај спорт“. Клоп ја презеде тренерската функција само една цела сезона по сезоната во која Ливерпул за малку ја испушти титулата и потоа беше на шестото место во следната сезона. По обновата и промената на стилот на игра, Клоп ги одведе „црвените“ до нивната прва премиерлигашка круна во 2020 година и ја заврши нивната 30-годишна пауза без титула во Премиер-лигата. Титулата пристигна по пет години речиси непрекинат постепен напредок на табелата.

Највисока стапка победи во историјата на Ливерпул

Но таа табела, веројатно, не го одразува целосно влијанието на Клоп врз клубот и траекторијата на подобрувања во тој почетен петгодишен период, при што клубот стана главен ривал на доминантниот Манчестер сити. Најдобрите сезони на 56-годишниот тренер во клубот според процентот на победи беа 2019/2020 и 2021/2022, кога ги водеше „црвените“ до титулата во Премиер-лигата и трофеите во ФА-купот и во Лига-купот, додека тимот што ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2018/2019 е рангиран на третото место. Сепак, соодносот на победи на Клоп сезонава е речиси на исто ниво со тие значајни сезони, пишува „Скај спорт“.
Клоп има највисока стапка на победи од кој било друг менаџер во историјата на Ливерпул, кога ги комбинира двата мандата на Кени Далглиш, чиј прв мандат е малку подобар од тој на Клоп. Германскиот стручњак освои шест големи трофеи со клубот за време на неговите девет години на чело. Само легендарниот менаџер Боб Пејсли води во освоени трофеи за време на најславните денови на Ливерпул помеѓу 1974 и 1983 година.
Дополнително, во однос на соодносот на поени по натпревар за менаџери што имаат водено 100 или повеќе натпревари во Премиер-лигата, само Пеп Гвардиола и сер Алекс Фергусон се рангирани над Клоп. Гвардиола рече дека Клоп е неговиот најтежок ривал.
– Првата причина зошто Клоп беше мојот најтежок ривал е затоа што многупати се соочивме еден со друг. Второ, затоа што тој многу ме победуваше и тоа отсекогаш беше предизвик, да се соочам со него повторно и повторно. Значи, се почитуваме, барем, од моја гледна точка, јас го почитувам многу. Тој беше мојот најголем ривал поради многубројните средби еден против друг и поради задоволството кога ќе го победите, затоа што знаете колку е тешко – изјави Гвардиола за „Скај спорт“.
Само Манчестер сити освои повеќе бодови од Ливерпул откако Клоп го презеде клубот, пишува „Скај спорт“. Н.М.