Вадењето на документите се претвори во кошмар за граѓаните во Македонија и во странство / Фото: „Нова Македонија“

Подготвувајќи ги извештаите за македонските медиуми („Нова Македонија“, МРТ и „25 минути“), нашиот соработник од Франција побара информации од амбасадите во Берлин, Берн, Брисел и во Париз. Првите две амбасади не одговорија, додека двете други немаа одобрување од МНР да одговорат пред микрофон или камера на оваа тема. Од Амбасадата во Брисел, каде што се наоѓа мобилната станица за пасоши, која го опслужува и Париз, велат дека се направени дополнителни напори за да се обезбедат дополнителни денови и опции, но со само четири доаѓања не може да се одговори на барањата на сите. Франција е голема земја…

Повод: Пасош за македонските државјани во странство

Со договорот од Преспа, македонските власти се обврзаа да ги сменат сите лични документи на граѓаните во Македонија, на кои ќе треба да стои новото име со придавката Северна. Нивните постојни документи се со важност и по 12 февруари. Трошоците за промена на документите се на сметка на граѓаните.

Ситуацијата е уште посложена за тие што живеат и работат во странство

Вадењето на документите се претвори во кошмар за граѓаните во Македонија, додека оние граѓани што се надвор од државата си го поставуваат прашањето дали со своите стари пасоши ќе можат да се вратат во родната земја Македонија, бидејќи да се дојде до новиот пасош со додавката Северна станува речиси невозможна мисија, барем до 12 февруари.
Проблемот со важноста на документите, а особено на пасошите, со право, го вознемири целото општество, иако тоа беше непотребно, особено за етничките Македонци, кои со горчина го прифатија административно наметнатото име со договорот од Преспа. Владата со договорот презеде обврска да ги смени сите лични документи и да ги замени со нови, на кои ќе стои новото име на државата. Од македонска страна се спроведени речиси сите одредби од тој фамозен договор, но од грчката страна останува уште многу да се направи.
Денес на сите им е јасно дека не ќе можат сите македонски државјани да ги сменат документите пред 12 февруари, но ситуацијата е уште посложена за тие што живеат и работат во странство. Оние што имаат само македонски пасош се прашуваат дали треба да се вратат веднаш во Македонија или ќе можат да патуваат и по 12 февруари со своите македонски пасоши, на кои на внатрешноста дури им е и „удрен“ печат дека „пасошот е сопственост на Република Северна Македонија“!?
Ако тие пасоши бидат прогласени за невалидни, сите тие лица (а ги има илјадници) ќе го изгубат и правото на престој и работа, бидејќи на пример во Франција за да се добие дозвола за престој и работа ви е потребен и важечки пасош од матичната земја!
На социјалните мрежи нашите сограѓани што живеат во странство велат дека исконтактирале со дипломатските тела на Македонија во странство и тие им потврдиле дека за две недели пасошите ќе бидат невалидни. Одговор побарале и од македонските надлежни институции, но немало од кого да добијат. Официјалниот број на Министерството за надворешни работи велат дека е исклучен. Треба да се знае дека за издавањето на патните исправи за нашите граѓани во странство е задолжено МНР, а не МВР.

Побарани се одговори од амбасадите во Берлин, Берн, Брисел и во Париз

Подготвувајќи ги извештаите за македонските медиуми („Нова Македонија“, МРТ и „25 минути“) побарав информации од амбасадите во Берлин, Берн, Брисел и во Париз. Првите две амбасади не одговорија, додека двете други немаа одобрување од МНР да одговорат пред микрофон или камера на оваа тема. Од Амбасадата во Брисел, каде што се наоѓа мобилната станица за пасоши што го опслужува и Париз, велат дека се направени дополнителни напори за да се обезбедат дополнителни денови и опции, но со само четири доаѓања не може да се одговори на барањата на сите. Франција е голема земја.
Од Париз нѐ информираа дека во декември околу 200 лица со натчовечки напори на персоналот на амбасадата успеале да го поднесат барањето и да се фотографираат за новиот пасош. Интересот бил голем и граѓаните стрпливо чекале по цел ден за да дојдат на ред. Следната тура на „фотографирање“ е во февруари, ама по 12-ти. И тогаш ќе можат да бидат услужени само околу 200 граѓани. А нивните нови пасоши не е сигурно дека ќе можат да ги подигнат пред мај, односно не е сигурно дека ако сакаат да дојдат да гласаат на изборите во Македонија, ќе можат да го направат тоа.
За Смиле Петревски, претседател на здружението „Илинден 1903“ од Кантелу-Нормандија, едно од ретките здруженија на Македонците во Франција што работи и се обидува да ги негува и пропагира македонската култура и обичаи, прашањето со пасошите „излегува од сите нормални функционирања, што било да се каже човек нема да поверува“.
– Прво и прво, ние сме две македонски здруженија што функционираат и нема никаков контакт со нас од надлежните. Јас не знам како ќе се снајдат луѓето, многумина од луѓето што се околу Руан и кои имаат и француско државјанство ќе патуваат со францускиот пасош, но не се сите во таква ситуација – додава Петревски.
Тој не криеше дека тој лично и многумина од Македонците што ги познава во Франција сѐ уште се против промената на името. Некои од нив сепак успеале да ги заменат своите пасоши во Македонија за време на нивниот последен престој поради истекување на датумот на важноста. Но најголемиот број не успеал.
Од македонската црковна општина Кирил и Методиј во Париз добивме сличен одговор околу прашањето за промената на пасошите.
– Па, мислиме дека сите се во тек. Е, сега, кој има време и можности ќе ги смени во Македонија, некои ќе менуваат тука, ако има простор за термин, ама во секој случај сите на целокупната процедура гледаат како на една класична уцена од страна на властите. Ама нели сме си научени и не можеме ништо да промениме, ќе си молчиме и мрчиме – рекоа оттаму.

Неизвесноста сѐ уште трае

Од Министерството за надворешни работи тврдат дека преку дипломатско-конзуларни претставништва од почетокот на 2022 година досега се издадени повеќе од 50.000 патни исправи. Но никој не може да каже колку точно гаѓани ќе останат без новиот пасош, некои слободни процени велат околу 100 000.
Така, граѓаните што работат и живеат надвор од државата остануваат во неизвесност. Тие бараат одговори на социјалните мрежи и по фејсбук-групите. Со оглед дека рокот за промена на личните документи е 12 февруари МНР, односно сега техничката влада, ќе мора да даде јасен одговор и да преземе соодветни мерки, да каже јасно дали по истекот на тој рок патните документи ќе можат да се користат само во Македонија или и во странство.
Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски пред да ја преземе функцијата најави дека нема да го применува Преспанскиот договор, односно дека ќе предложи измени во Законот за патни исправи со кои практично пасошите ќе важат по договорениот рок со Грција, и уште повеќе – сѐ дотогаш додека стои рокот на нивната важност.
Ова е чекор понапред и од иницијативата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, до Уставниот суд. Тошковски укажа дека, според негови информации, целосно е невозможно да се задоволат потребите на граѓаните во согласност со сегашната законска регулатива, посочувајќи на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд.
– Но Уставниот суд функционира така како што функционира, па затоа еден од првите чекори ќе биде да предложам измени на Законот за патни исправи или да се пролонгира рокот на важење. Надвор од разумот е да се важечки, а да не се употребуваат од граѓаните. Тоа е единственото нешто што суштински ќе го реши проблемот. Останува да видиме како ќе се однесуваат техничката влада и сите институции. Но, ги уверувам граѓаните дека ќе сторам сѐ процесот да биде достоинствен во рамките на можностите. Секако, нема да биде како досега, ќе биде многу поинаку – заклучи Тошковски.

На нашите граѓани може да им се случи да бидат враќани од границите во Европа и од подалеку

Некои македонски коментатори веќе напишаа дека наводно „Грција веќе ги известила сите земји дека од средината на февруари важат само патните исправи со Северна Македонија“.
Тука би можеле да се запрашаме дали Македонија, сега Северна, ја изгуби својата сувереност и нашите пасоши ги издава грчката администрација или македонската. Па, и нашата дипломатија може со нота да ги извести сите држави во светот каде што имаме дипломатски претставништва дека не успеала да ги замени сите документи на своите граѓани и дека тие и понатаму се важечки и по 12 февруари.
Велат дека станува збор за меѓународен договор, кој очигледно ја обврзува повеќе македонската страна отколку грчката, а Грција не ја испочитува пресудата на Меѓународниот суд од Хаг и добар дел од договорот од Преспа нема спроведено. Сепак, на нашите граѓани може да им се случи да бидат враќани од границите во Европа и подалеку, а оние што се во странство да бараат „пасавни“ или „лесе пасе“ од амбасадите на Македонија за да се вратат дома.

Тони Гламчевски Специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур