Киеза беше еден од ѕвездите и меѓу најзаслужните за триумфот на „азурите“ на Европското првенство лани. Дуелот Италија – Македонија е на 24 март во Палермо, во полуфиналето на плејофот за пласман на СП

ФУДБАЛ – ИТАЛИЈА

Федерико Киеза, напаѓачот на Јувентус и на италијанската фудбалска репрезентација, ќе биде надвор од терените околу седум месеци, по операцијата на предните вкрстени лигаменти на левото колено, соопшти неговиот клуб пред почетокот на неделниот натпревар во Серија А, со Милан.
– Операцијата во Инсбрук се покажа како совршена, а очекуваното време за закрепнување е приближно седум месеци – соопшти Јувентус.
Киеза (23) се повреди во првото полувреме на натпреварот помеѓу Рома – Јувентус (3-4) на стадионот „Олимпико“ во Рим пред две недели.
Тоа значи дека Киеза нема да настапи на натпреварот со Македонија, на 24 март во Палермо, во рамките на полуфиналето на плејофот за пласман на Светското првенство (СП) годинава. Победникот на тој натпревар ќе се сретне на 29 март со победникот од средбата Португалија – Турција во решавачкиот дуел за пласман на Мундијалот.
Неговото отсуство ќе биде голем удар за селекторот на Италија, Роберто Манчини, со оглед на тоа дека Киеза беше еден од ѕвездите и меѓу најзаслужните за триумфот на „азурите“ на Европското првенство лани. Во сезонава, која заврши прерано за него, Киеза постигна четири гола за Јувентус во сите натпреварувања.